Zehra Nur Düz
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
АНКАРА
Кинескиот претседател Си Ѓипинг ќе го посети Мјанмар наредната недела, на покана на мјанмарскиот претседател, потврдено е од кинеското Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Првата државна посета на Си оваа година, а воедно и прва државна посета на Мјанмар од страна на кинески претседател во изминатите 19 години, ќе се одржи на 17 и 18 јануари“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Хуа Чунјинг.
Кинеските експерти веруваат дека посетата е од стратешка важност за соседската дипломатија на Кина, објави „Глобал тајмс“ (Global Times).
Мјанмар и Кина имаат длабоко вкоренети дипломатски односи воспоставени пред 70 години.
„Првата „некомунистичка земја“, која ја призна Кина по нејзиното основање во 1949 година, беше Мјанмар“, јавува „Глобал тајмс“.
Локалните медиуми исто така јавуваат дека Мјанмар е прва земја која ги решила граничните прашања со Кина.