Kasım İleri
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Рајан Дилон, портпарол на меѓународната коалиција што САД ја предводат во борбата против терористичката организација ДЕАШ, соопшти дека во коалициските воздушни напади се убиени четворица челници на ДЕАШ, вклучувајќи го и водачот на таа организација за медиумско дејствување, Јусуф Демир, и неговиот брат Омер Демир, јавува Anadolu Agency (AA).
Полковникот Дилон преку видеоврска поднесе извештај до Пентагон за последните антитерористички операции во Ирак и во Сирија, и во таа пригода изјави дека четворицата челници на ДЕАШ се убиени во акциите извршени во изминатите три недели.
„Ликвидацијата на челниците значително ги намали капацитетите на ДЕАШ во извршувањето на терористичките активности во Сирија и во Ирак, а ги намали и капацитетите за регрутирање нови терористи“, изјави Дилон.
Браќата Демир се убиени во воздушните напади извршени на 26 октомври, во близина на Ал Каим. Јусуф Демир беше одговорен за комуникација на ДЕАШ и имаше врски со терористичката мрежа на Блискиот Исток и во Европа, додека неговиот брат Омер беше задолжен за водење на терористичките операции на меѓународен план.
Дилон, исто така, соопшти дека во нападот извршен на 3 ноември кај Мајадин, бил убиен и Абу Јазин, уште еден челник на ДЕАШ. Два дена подоцна, во близина на градот Елбу Кемал, убиен е и високопозиционираниот терорист на ДЕАШ, Абдула Хаџау.
Според извештајот на полковникот Дилон, во досегашните операции на коалициските сили во Ирак и Сирија се убиени вкупно 117 челници на ДЕАШ.
Неодамна, руското Министерство за одбрана соопшти дека проамериканската коалиција не извршила напади на терористите на ДЕАШ во Елбу Кемал, а полковникот Дилог ја негираше таа информација и вели дека спиновите на руското Министерство се разорни колку и коалициските воздушни напади.
„Речиси сите соопштенија на руското Министерство за одбрана се воглавно лажни и неосновани“, вели Дилон и додаде дека Русија поради сопствените неуспеси во Сирија се обидува да ги дерогира акциите на коалицијата.
Дилон изјави дека неодамнешниoт напад во Алепо, во којшто се убиени 50 цивили, е еден од неуспесите на Русија и ги негираше тврдењата дека прорускиот режим на сирискиот претседател Башар ал Асад го ослободил градот Ебу Кемал.
Од друга страна, руското Министерство објави и фотографија на „Twiter“ (Твитер), направена од летало и тврди дека тоа е доказ оти коалициските сили не го гаѓале конвојот на терористите на ДЕАШ, туку само им пречат на руските авиони во тој регион. По бурните реакции, фотографијата беше избришана.
Во изјава за британскиот „BBC“ (Би-би-си), полковниот Дилон го коментираше и минатомесечниот договор меѓу терористите на ПКК/ПЈД и ДЕАШ, во Рака, и изјави дека со тој договор, Рака ја напуштиле 3.500 семејства на терористите на ДЕАШ и не повеќе од 300 терористи.
„Не можеме да кажеме дека се откриени сите борци на ДЕАШ и дека меѓу оние што ја напуштија Рака нема уште такви. Постои можност терористите да се преправале и меѓу цивилите да бегале од Рака и пред и по постигнувањето на тој договор“, вели Дилон и додаде дека коалициските авиони следеле каде заминале терористите на ДЕАШ од Рака и оти се подготвени да извршат напади на тие позиции.