Nuri Aydın
05 Декември 2020•Ажурирај: 06 Декември 2020
ЊУ ДЕЛХИ
Дневниот број на новозаразени со коронавирусот во Индија и понатаму е под 40.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Министерството за здравје на Индија, во последните 24 часа во таа земја се регистрирани 36.952 новозаразени со Ковид-19, зголемувајќи го вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 на 9.608.418.
Со 512-те смртни случаи поврзани со Ковид-19 во последните 24 часа, вкупната бројка на починати се зголеми на 139.736. Од Министерството за здравје објавија дека бројката на оздравени од почетокот на пандемијата досега се зголемила на 9.058.822.
Според интернет-порталот „Worldometer“, Индија е втора земја во светот според бројката на лица позитивни на коронавирусот, веднаш зад САД, и трета според бројката на смртни случаи поврзани со Ковид-19.
Во Кина во последните 24 часа забележани се 17 новозаразени со Ковид-19, од кои 15 потекнуваат од странство, со што вкупниот број на заразени се зголеми на 86.601.
Според податоците на Националната здравствена комисија на Кина, во последните 24 часа во таа земја не е забележан ниту еден смртен случај од последиците предизвикани од Ковид-19.
Во Кина, каде што кон крајот на декември минатата година за првпат се појави новиот тип коронавирус, досега од последиците на заразеност со вирусот починаа 4.634 лица, а оздравеа 81.694.