Dejan Maksimoviç
06 Февруари 2018•Ажурирај: 06 Февруари 2018
ЛОНДОН (АА) - Фудбалскиот клуб Челзи, актуелниот шампион на Англија, за шест дена претрпе два дебакли во Премиер лигата. Прво, тимот на Антонио Конте на Стамфорд Бриџ беше поразен од Борнмут 0:3, а потоа синоќа на гости кај Ватфорд со резултат 1:4. Сепак, Конте вели дека не се плаши дека ќе биде отпуштен затоа што чесно ја работи својата работа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Не сум загрижен за мојата работа. Јас работам секој ден и давам 120 проценти од себе. Ако тоа е доволно, тогаш во ред. Во спротивно, клубот може да донесе поинаква одлука. Многу е тешко, бидејќи секој ден и на секоја прес-конференција ме прашувате дали сум загрижен? Јас не се грижам. Нè чека нов ден. Можам да бидам тренер на Челзи или не. Што е проблемот? Мојата душа е чиста. Мирно спијам“, нагласи Конте.
Тој додаде дека се обидува да направи сè што е во негова моќ за „сините“ да играат подобро, и дека доколку во клубот не се задоволни може да донесат одлука да го отпуштат.
„Животот оди понатаму, без оглед што ќе се случи“, заклучи Конте.
Челзи по 26 одиграни кола во Премиер лигата ја зазема четвртата позиција со 50 бодови, дури 19 бодови помалку од лидерот Манчестер Сити, и веќе сега е јасно дека нема да ја одбрани титулата шампиони.