АЛ-КУДС (АА)
Израелската војска изнесе контрадикторни „докази“ за своите тврдења дека баптистичката болница „Ал-Ахли“ во блокираниот Појас Газа е погодена со ракета што ја лансирала палестинската група Исламски џихад, јавува Анадолу.
Израелската војска објави на социјалната мрежа Х наводни снимки од телефонски разговор за кој тврди дека бил воден меѓу двајца членови на Хамас.
Објавата содржи дијалог меѓу две лица за кои се вели дека се припадници на палестинското движење Хамас, а не на Исламски џихад, кој израелската војска го обвинува за организирање на нападот.
Во разговорите, наводниот припадник на Хамас му кажува на другиот дека „било кажано оти ракетите припаѓаат на групата Исламски џихад“ и во понатамошниот дијалог продолжува да го користи пасивниот израз „кажано е“.

Портпаролот на израелската Армија, Даниел Хагари, со новинарите сподели превод на транскриптот од наводниот разговор, во кој се наведува дека проектилите врз болницата биле „истрелани од гробиштата зад болницата“.
Врз основа на тоа, портпаролот Хагари тврди дека нападот, во кој стотици Палестинци ги загубија животите во вторникот вечерта, бил извршен од Исламски џихад од гробиштата веднаш до болницата.
- Ракетната мапа на израелската Армија и тврдењето за гробиштата не се совпаѓаат
Израелската војска во објава на социјалната мрежа Х соопшти дека графиката на мапата, базирана на податоци од радарскиот систем, ја докажува рутата на ракетите лансирани од блокираниот Појас Газа.
Меѓутоа, гробиштата споменати во телефонскиот разговор се доста оддалечени од ракетните излези означени на картата. Растојанието помеѓу гробиштата, веднаш до болницата, и излезот на ракетите видливо на картата е километарско.
- Прашање за моќта на ракетите
Портпаролот на израелската Армија, Хагари, исто така направи визуелна презентација на прес-конференција за нападот на болницата во Газа.
Хагари изложи фотографии од воздух на кои наводно се гледаат дупки од шрапнели на покривот на болницата и тврдеше дека на паркингот на болницата нема настанати дупки на други места што израелските воздухопловни сили ги гаѓаа во Газа.
Хагари покажа неколку фотографии кои покажуваат дека ракетите што ги користела израелската Армија создале кратери од девет до 13 метри во земјата.
Одговарајќи на прашањето на новинар дали групата Исламски џихад имала ракета што би предизвикала толку многу жртви, Хагари посочи дека „ракетата не можела да ја заврши својата рута и затоа можеби предизвикала поголема штета кога горивото во неа се запалило“.
Портпаролот на израелската Армија изјави дека Хамас води медиумска војна и се обидува да ја преувеличи бројката на загинати, додавајќи дека немаат никакви информации за бројот на жртвите во болницата.
Хагари изјави дека „доказите и посебните детали“ што ги поседуваат ќе им ги претстават на американските претставници за време на посетата на претседателот Џо Бајден и дека ќе ги проследат до други „пријателски“ земји.
- Прашање е зошто израелската Армија чекаше со коментарот
На прес-конференцијата на Хагари му е кажано дека првата изјава на Армијата по нападот на болницата била дека „не ги поседуваат сите детали“.
Новинарот, исто така, го праша Хагари зошто треба да веруваат во тврдењата на израелската Армија кога се знае дека таа постојано ги обвинувала палестинските групи на отпорот за напади, а потоа била принудена да ги повлече таквите тврдења, вклучително и за минатогодишното убиство на новинарката на „Ал Џезира“ во Џенин.
„Во минатото брзо извлекувавме заклучоци од податоците пред нас. Во овој случај, добро го искористивме нашето време. Сакавме уште еднаш да провериме сè и да се увериме дека сме сигурни. Повторувам, проверивме сè и споредивме за да не се повторат случаите што ги споменавте од минатото“, рече Хагари.
Портпаролот тврди дека Хамас се обидува да го прикаже инцидентот на начин да ја сврти ситуацијата во своја корист.
- Прашање од новинарот на Анадолу
Новинарот на Анадолу го праша портпаролот на израелската Армија, Дорон Шпилман, за контрадикторноста меѓу графиката и аудиоснимките што ги претставила Армијата.
Наведувајќи дека ќе ја испита предметната објава, Шпилман рече дека ова е инфографика која ќе го објасни инцидентот на јавноста, дека не е непроменлива и дека повторно ќе се изјасни за тоа.
Шпилман рече дека е можно некој што ја подготвил инфографиката да ја заборавил таа информација и дека е апсолутно сигурен дека Исламски џихад го организирал нападот на болницата, а Хамас водел медиумска кампања.
- Израелското избегнување на одговорноста за нападот
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро го осуди нападот врз болницата во Газа.
„Нападот врз болницата со жени, деца и невини цивили е најновиот пример на израелски напади лишени од најосновните човечки вредности. Го повикуваме целото човештво да преземе акција и да престане со бруталноста во Газа, што е без преседан во историјата“, рече Ердоган.
Обединетите нации (ОН) исто така остро го осудија нападот врз болницата во Газа во кој загинаа стотици Палестинци.
„Силно го осудувам овој напад. Болниците и медицинскиот персонал се под заштита на меѓународното хуманитарно право“, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека Израел се обидува да ја избегне одговорноста за масакрот во болницата за да ја продолжи војната без меѓународен притисок и дека тоа е истовремено воено злосторство и злосторство против човештвото.
Светската здравствена организација (СЗО) најостро го осуди нападот, а високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, рече дека сторителите треба да одговараат.
Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, исто така го осуди овој брутален масакр врз Палестинците.
Претседавачот со Комисијата на Африканската унија, Муса Факи Махамат, рече дека тоа е злосторство против човештвото и дека меѓународната заедница мора да реагира.
Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) остро го осуди нападот и ја нагласи итната потреба од прекин на огнот и пристап до хуманитарна помош до Газа.
Од регионот до Израел беа испратени голем број пораки за осуда на нападот, а јорданската администрација го откажа самитот на кој требаше да присуствува и американскиот претседател Џо Бајден.
Саудиска Арабија соопшти дека најостро го осудува „грозоморното злосторство“ извршено од Израел.
Водачот на Англиканската црква и духовен водач на Англиската црква, надбискупот од Кентербери Џастин Велби, го осуди нападот и повика на заштита на цивилите во Газа.