Muhammed Sabry
19 Октомври 2023•Ажурирај: 20 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Неколку дена пред нападот врз баптистичката болница „Ал-Ахли“ во Газа, во кој загинаа стотици луѓе, Англиканската црква, која ја надгледува споменатата здравствена установа, добила три израелски наредби за евакуација на установата, соопшти Англиканската црква во Ал-Кудс (Ерусалим), јавува Анадолу.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, во израелскиот напад на болницата во Газа загинале 471 лице, а 342 се ранети, од кои 28 потешко.
„Добивме три наредби за евакуација на болницата, во саботата, неделата и понеделникот. Болницата беше бомбардирана во вторникот“, рече англиканскиот надбискуп Хосам Наум на прес-конференција.
Тој додаде дека повеќето од овие наредби биле издадени преку телефон. Надбискупот ја нарече злосторство и масакр експлозијата во болницата.
„Ние како црковни водачи секогаш предупредуваме на насилството како резултат на актуелниот конфликт на Блискиот Исток меѓу Израелците и Палестинците“, рече Наум.
Тој беше прашан и за страната одговорна за експлозијата.
„Она што го знаеме е она што го гледаме на телевизија, а ние не сме воени експерти за да одредиме страна. Она што барем го знаеме е дека има многу згради, домови и многу места кои се бомбардирани во израелските напади“, изјави надбискупот, мислејќи на Газа, и додаде дека тоа се факти на теренот.
Израел ја негираше одговорноста за нападот на болницата, но информациите дека војската телефонски издала предупредувања одат во прилог на тврдењата дека Израел го извршил нападот.
Болницата е позната како баптистичка од историски причини, но е под управа на Англиканската црква или Црквата на Англија, од раните 1980-ти.
Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, додека водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.
Бројот на загинати во израелските напади од 7 октомври во Појасот Газа е зголемен на 3.478, со повеќе од 12.000 повредени.