Ahmet Gürhan Kartal
14 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
ГЛАЗГОВ (АА) - Конференцијата на Обединетите нации (ОН) за климатските промени, КОП26, заврши, а сите земји учеснички постигнаа нов климатски договор што ќе се обиде да го задржи глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конечниот договор, Климатскиот пакт од Глазгов, е постигнат по долги преговори кои продолжија до синоќа, бидејќи Индија интервенираше за да го промени наративот за употребата на јагленот.
Со интервенција во последен момент, Индија побара да се смени финалниот текст на договорот наместо „исфрлање во фази“ да стои „намалување во фази“ на несмаленото производство на јаглен.
Швајцарија го изрази своето „длабоко разочарување“ поради одлуката да се „разводни“ наративот околу фосилните горива и јагленот.
„Ние не сакаме постепено, во фази, да го намалуваме јагленот, сакаме постепено да го укинеме јагленот“, рече швајцарскиот делегат на последниот состанок, додавајќи дека тие ќе ја потпишат новата верзија.
Изразувајќи го своето разочарување, и помалите земји, вклучувајќи ги Фиџи, Маршалските Острови и Антигва и Барбуда, исто така рекоа дека ќе го потпишат договорот.
И Лихтенштајн истакна дека се „длабоко разочарани“.
„Но, за поголемо добро, мора да ја проголтаме оваа горчлива пилула.“
Франс Тимерманс, потпретседателот на Европската комисија, истакна дека е разочарувачка играта на зборови во текстот, но тоа не треба да го спречи реализирањето на договорот и дека ЕУ ќе работи на постепено (фазно) исфрлање на јагленот од употреба.
Претседателот на КОП26, Алок Шарма, рече дека го разбира „длабокото разочарување, но дека е од витално значење да го заштитиме овој пакет“.
„Гринпис“ реагираше на промената во последен миг, но рече дека ерата на јагленот завршува.
„Тие сменија збор, но не можат да го променат сигналот што доаѓа од овој КОП - ерата на јагленот завршува“, напиша еколошката група на Твитер.
„Ако сте директор на компанија за јаглен, овој КОП беше лош исход.“
Групата напиша: „Во интерес на сите земји, вклучително и оние кои сè уште користат јаглен, е да преминат кон чиста обновлива енергија, а побогатите земји треба да направат повеќе за да ја поддржат промената. Нашата иднина зависи од тоа.“
Шведската активистка за борба против климатските промени, Грета Тунберг, пред постигнувањето на договорот напиша на Твитер: „Сега, со завршувањето на КОП26 пазете се од цунами на зелено медиумско спинување за на некој начин да се врами исходот како „добар“, „напреден“, „надежен“ или „чекор во вистинската насока“.
КОП26, кој многумина го гледаат како последна надеж за одржување во живот на целта од 1,5 степени Целзиусови, започна во Глазгов на 1 ноември.
Во првите два дена се собраа многу светски лидери за да разговараат за идните чекори за планетата.
„Колку подолго го одложуваме преземањето акција, толку ситуацијата станува полоша и ќе бидат поголеми последиците кога ќе бидеме принудени да преземеме акција“, рече домаќинот на КОП26, британскиот премиер Борис Џонсон, на денот на отворањето.
КОП26 реализира бројни панели, состаноци и настани планирани на маргините на конференцијата, насочени кон изнаоѓање решенија за намалување на глобалното затоплување со одржување на температура од 1,5 Целзиусови степени.