Zülfiya Yakup
02 Февруари 2019•Ажурирај: 03 Февруари 2019
ПРИШТИНА (AA) – Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, денеска го разреши од должноста министер за земјоделство, шумарство и рурален развој, Ненад Рикало од Српската листа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Харадинај преку социјалната мрежа Фејсбук ја соопшти веста за разрешувањето на министерот Рикало, наведувајќи дека му се заблагодарува за соработката во текот на периодот додека бил активен во Владата на Косово.
„Во политичките процеси пред себе, ќе ги почитувам сечии ангажмани. Министерот Рикало беше почитуван министер во Владата на Република Косово. Соработката со претставниците на сите заедници и со претставниците на српската заедница ќе продолжи непречено", напиша Харадинај.
Смената на министерот Рикало е услов на опозициската Социјалдемократска партија за да гласа за Законот за буџетот за 2019 година кој е на дневниот ред на денешната редовна седница на Собранието на Косово. Социјалдемократската партија има 12 пратеници во Собранието на Косово, поранешни пратеници на движењето Самоопределување. Без нивните гласови владејачката коалиција нема доволен број гласови за усвојување на Законот за буџетот.
Социјалдемократите сметаат дека Рикало не е вистинската личност за водење на толку важен сектор, каков што е земјоделството.
Инаку, од март минатата година министрите од редовите на Српската листа се во оставка, по апсењето на Марко Ѓуриќ, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија во Северна Митровица од страна на полицијата.