Dmitri Chirciu
21 Јули 2020•Ажурирај: 22 Јули 2020
МОСКВА
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и египетскиот шеф на дипломатија, Самех Шукри разговараа телефонски за кризата во Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија се наведува дека двајцата министри нагласиле дека не постои друго решение за либиската криза освен преговори.
„Двајцата министри потврдија дека не постои друго решение на ситуацијата во Либија, освен водење на преговорите, со учество на спротиставените страни, во согласност со спроведување на одлуките на Берлинската конференција кои се наведени и во резолуцијата 2510 на Советот за безбедност на ОН“, се вели во соопштението.
Во тој контекст исто така е нагласено и значењето на Каирската декларација од 6 јуни со која се бара прекин на огнот во Либија.
Во Москва на 14 јануари оваа година се одржаа мировни преговори кои неуспешно завршија, бидејќи Калифа Хафтар ги напушти преговорите. Пет дена подоцна во Берлин е одржана нова мировна конференција на која е потврдено дека во Либија е особено можно мирно решение на кризата.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од Обединетите нации и меѓународните заедници, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Обединетите нации ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ, како легитимна власт на земјата. Владата од Триполи се бори против милициите на Хафтар кои во април 2019 година започнаа напад за освојување на главниот град, војна во која досега настрадаа над 1.000 лица.