Ekipa
03 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
КАРАЧИ (АА) - Пакистанскиот претседател Ариф Алви денес одобри распуштање на Националното собрание на земјата, објавија неколку локални медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Државниот министер за информации, Фарук Хабиб, преку Твитер објави дека според Уставот на државата, новите избори ќе се одржат во рок од 90 дена од распуштањето на Собранието.
Претходно, во неочекуван потег, премиерот Имран Кан рече дека упатил предлог до претседателот да го распушти Парламентот и да распише нови избори.
Потегот уследи неколку минути откако заменик-претседателот на Парламентот го отфрли предлогот за недоверба на премиерот, оценувајќи го како „неуставен“.
Опозицијата предводена од Пакистанската народна партија и Пакистанската муслиманска лига - Наваз на 8 март поднесе иницијатива за недоверба на Кан под образложението дека премиерот ја изгубил довербата на мнозинството пратеници.
„Ѝ честитам на целата нација за оваа победа. Заменик-претседателот го отфрли предлогот на опозицијата за недоверба на Владата, што беше по налог на странска сила“, рече Кан во краткото обраќање до нацијата.
„Испратив предлог до претседателот да ги распушти собранијата и да распише нови избори“, рече тој.
„Народот нека одлучи кого сака на власт. Не е надлежност на странска сила да одлучува за тоа“, додаде тој.
Сепак, сè уште не е јасно дали ќе биде распуштен само Долниот дом на Парламентот - Националното собрание - или и четирите покраински собранија ќе ја доживеат истата судбина.
Претходно, Касим Сури, заменик-претседателот на Собранието, донесе одлука дека предлогот на опозицијата е „во спротивност со Уставот“ бидејќи зад овој потег стои „странска сила“. Поради тоа, рече дека гласањето за предлогот за недоверба закажано за денес, не може да се одржи.
Следот на настаните се случи неколку минути откако започна седницата на Националното собрание во главниот град Исламабад, кое претходно денес требаше да одржи гласање за предлогот.
Веднаш штом започна седницата, министерот за информации Фавад Чаудри, кој го има и дополнителниот ресор на министер за правда, побара од заменик-претседателот одлука за „уставната автентичност“ на предлогот од страна на опозицијата за недоверба.
Прифаќајќи го тврдењето на Чаудри, Сури го отфрли предлогот на опозицијата.
Оценувајќи го потегот на премиерот „за неуставен“, опозицискиот лидер Шехбаз Шариф рече дека и на Кан и на заменик-претседателот на Собранието ќе им се суди за „велепредавство“.
Двајцата, според него, постапиле спротивно на Уставот.