Ali Cura
03 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги пофали односите на Русија со Турција, нагласувајќи дека Анкара е значајна регионална сила и најдоминантна меѓу сите земји членки на НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Песков, во интервју за Белоруската државна телевизија, се осврна на односите со Турција во рамките на преговорите меѓу Русија и Украина.
Тој истакна дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е голем и силен политички лидер и рече: „Турција е многу значајна регионална сила и земја. Нашите односи со Турција се одлични.“
Изјави дека постојат различни ставови во односите меѓу двете земји и дека за одредени точки страните не се разбираат целосно.
„Но, односот заснован на заеднички интерес е доминантен, така што двете земји развиваат големи економски проекти“, рече Песков.
„Турција отсекогаш била значајно голема регионална сила, а Турција е и членка на НАТО многу години“, додаде тој. „Таа стана најдоминантната држава меѓу суверените земји членки на НАТО, особено за време на мандатот на Ердоган. И оваа земја е земја која си ги брани своите интереси.“
- „Добра перспектива“ -
Потенцирајќи дека турските власти им соопштиле на НАТО и на Соединетите Американски Држави (САД) дека Анкара не е заинтересирана да биде дел од санкциите против Русија, Песков рече дека исто така има големо економско значење тоа што Турција и Русија го продолжуваат дијалогот.
„Ова е многу значајно. Ние придаваме голема вредност на тоа“, рече тој.
Осврнувајќи се на соработката помеѓу Турција и Русија во областа на туризмот и енергетиката, Песков истакна: „Имаме добра перспектива со Турција.“
„Задоволни сме што Ердоган најде сила да ги брани и да ги следи своите интереси, интересите на својата земја и не е во мејнстримот (како Европа)“, додаде портпаролот на Кремљ.
„Како што знаете, сега сите Европејци се во мејнстримот, но на своја сметка“, рече тој.
„Тие трошат, Вашингтон заработува пари. Поради гневот кон Русија, Европа си пука во нога“, истакна Песков.
Руската војна против Украина, што започна на 24 февруари, наиде на голема меѓународна осуда, поради што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Во Украина досега загинале најмалку 1.325 цивили, а 2.017 се повредени, според проценките на Обединетите нации (ОН), кои стравуваат дека вистинските бројки се многу поголеми.
Над 4,1 милион Украинци ја напуштиле земјата и пребегале во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.