Hajer M'tırı
19 Декември 2017•Ажурирај: 20 Декември 2017
ПАРИЗ (AA) - Францускиот претседател Емануел Макрон ги оцени како неприфатливи обвинувањата на сирискиот претседател Башар ал-Асад дека Франција го поддржува тероризмот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Макрон на заедничка прес конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во Париз изјави дека е неопходно постигнување на траен мир и политичко решение.
„Наш воен приоритет е војната против ДЕАШ. Од почетокот бевме конкретни", изјави францускиот претседател.
Макрон истакна дека меѓународната коалиција предводена од САД е единствената способна да го порази ДЕАШ во Сирија до крајот на февруари 2018 година.
„Ние имаме непријател и тоа е ДЕАШ ... Милиони Сиријци живеат надвор од својата земја: во Јордан, Либан, Турција, ширум Европа, во Канада и САД, а тие Сиријци имаат непријател кој се вика Башар ал-Асад", изјави Макрон.
Сирискиот претседател во понеделник по состанокот со руската делегација во Дамаск изјави дека „Франција е носител на поддршката на тероризмот во Сирија од првите денови на судирот".
Таквата изјава ја осуди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ивес Ле Дриан, кој по вчерашниот состанок со високите функционери на САД во Вашингтон изјави дека неговата земја нема да добива лекции од некој кој „од затвор ослободил илјадници екстремисти за да го поттикне пламенот на војната".
„Кога сте некој кој поминал денови масакрирајќи го сопствениот народ, генерално морате да бидете малку подискретни", изјави францускиот министер.