Ekip
04 Април 2022•Ажурирај: 07 Април 2022
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Макрон, повика на нови санкции кон Москва, сметајќи ја руската војска одговорна за воените злосторства извршени во ослободениот украински град Буча, во близина на Киев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Макрон за радиото „Франс интер“ изјави дека има многу јасни индиции кои укажуваат дека „руските сили се одговорни за воените злосторства во Украина“.
„Она што се случи во Буча бара нова рунда санкции и многу јасни мерки“, нагласи Макрон, додавајќи дека новите санкции треба да се фокусираат на јагленот и нафтата.
За време на интервјуто, претседателот, кој исто така води кампања за изборите на 10 април, рече дека Париз ја сигнализирал својата подготвеност да ги поддржи украинските власти во меѓународниот правосуден процес.
Тој исто така рече дека оние што ги извршиле тие злосторства мора да се соочат со меѓународната правда и да одговараат за своите постапки, директно обвинувајќи ги Руските вооружени сили.
„Мислам дека повеќе или помалку беше утврдено дека тоа е Армијата“, рече тој.
Околината на Киев е под контрола на руската Војска со недели, а кога градот Буча беше вратен под контрола на украинската Армија на 1 април, беа пронајдени останките на стотици убиени украински цивили.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја обвини Русија дека извршила „геноцид“ во Украина за да истреби цела нација, еден ден по откривањето на голем број тела на улиците на Буча.
Украинската државна обвинителка Ирина Венедиктова во неделата изјави дека телата на 410 цивили се пронајдени во областа на градот Буча, во близина на Киев.
Во неделата, руското Министерство за одбрана негираше дека руските војници убиле цивили додека се повлекувале од градовите во близина на Киев.