Murat Ünlü
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
ПАРИЗ (АА) - Според Министерството за внатрешни работи на Франција, првопласираните двајца претседателски кандидати во првиот круг гласање за нов претседател на Франција се Емануел Макрон, лидер на движењето „Ел Марче” (Напред) и Марин Ле Пен од екстремно десничарската партија Национален фронт, јавува Anadolu Agency (AA).
Според неофицијалните резултати кои ги објави министерството за внатрешни работи, преброени се 97 отсто од гласовите на вчерашните претседателски избори во Франција.

Макрон со освоени 23,9 отсто од гласовите, се наоѓа на првото место меѓу претседателските кандидати. Следи Ле Пен со 21,4 отсто од гласовите, кандидатот на Републиканската партија Франсоа Фијон е третопласиран со освоени 19,9 отсто гласови. Четвртопласиран е кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Meленхон со 19,6 отсто, додека на петтата позиција се наоѓа кандидатот на Социјалистичката партија Беноит Хамон со освоени 6,3 отсто гласови.
Макрон и Ле Пен, кои се наоѓаат на првите две позиции во првиот круг на гласање, на 7. мај ќе учествуваат во вториот круг на гласање за претседател на Франција.
Поголемиот број кандидати кои учествуваа во првиот круг на гласање, му ја дадоа својата поддршка на Макрон за вториот круг гласање. Според испитувањето на јавното мислење во Франција, се очекува во вториот круг од гласањето Макрон да освои околу 62 отсто од гласовите на електоратот.
- Не гласале 21,8 отсто од лицата кои имаат право на глас
Според резултатите на Министерството за внатрешни работи, во Франција од 46.891.594 лица со право на глас на избори не излегле 21,8 отсто од гласачите.
Министерството извести дека се преброени 97 отсто од гласовите и неофицијално, листата на 11-те претседателски кандидати за нов претседател на Франција е следната:
- Емануел Макрон: 8.528.585 - 23,86%
- Марин Ле Пен: 7.658.990 - 21,43%
- Франсоа Фијон: 7.126.632 - 19,94%
- Жан-Лук Meленхон: 7.011.856 - 19,62%
- Беноит Хамон: 2.268.838 - 6,35%
- Никола Дипон Ењан: 1.689.686 - 4,73%
- Жан Ласал: 433.996 - 1,21%
- Филип Путу: 392.454 - 1,10%
- Франсоа Аселино: 329.951 - 0,92%
- Натали Арто: 231.660 - 0,65%
- Жак Шеминад: 65.076 - 0,18%
Од министерството информираат дека гласовите не се во потполност изброени бидејќи ги очекуваат гласовите на француските државјани кои се наоѓаат во прекуокеанските земји.
Објавувањето на официјалните резултати од гласањето во првиот круг гласање во Франција е закажано за 26 април во 20.00 часот од страна на Уставниот Совет.
Кандидатот кој ќе победи во вториот круг на гласање, на 14 мај ќе ја преземе претседателската функција од сегашниот претседател Франсоа Оланд.