Tarek Chouiref
17 Септември 2025•Ажурирај: 18 Септември 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (AA) – На болнички кревет во Газа, двегодишната Јакин Абу Телх лежи завиткана во завои, наместо со играчки, а нејзиното мало тело е прекриено со лузни од ретко генетско нарушување кое прави нејзината кожата да се кине при најмал допир, јавува Анадолу.
Јакин е родена со булозна епидермолиза (ЕБ), состојба толку сурова што и најмалото триење предизвикува отворени рани.
Нејзината болест станала животозагрозувачка под израелската блокада и војната во Газа, кои ги лишија болниците од неопходни лекови, завои и нутритивна поддршка.
Во болницата Насер во Хан Јунис, нејзината мајка Исра Абу Телх се обидува да ја утеши.
„Таа плаче секој ден од раните што не можам да ги излечам“ вели таа за Анадолу.
„Пред војната можеше да живее со болеста. Но откако бевме принудени да живееме во шатор и нема лекови, сè се влоши.“
Лекарите велат дека Јакин сега тежи само 7 килограми, многу под здравата просечна тежина од 11 килограми за нејзината возраст, поради месеци акутна неисхранетост и анемија.
Булозната епидермолиза е толку сериозна што дури и голтањето храна може да предизвика плускавци во устата или желудникот.
Без третман, децата како Јакин се изложени на ризик од инфекции и оштетување на органите што може да бидат фатални.
Министерството за здравство во Газа наведува дека над 5.200 деца итно имаат потреба од медицинска евакуација во странство, но Израел ги затворил сите гранични премини од март, што ја оневозможува таа опција.
„Секој ден се молам таа да може да ја напушти Газа за да добие третман“, вели мајката на девојчето.
„Без тоа, се плашам дека нема да преживее“, додава таа.
Во август, Меѓународната класификација за безбедност на храната (ИПЦ) прогласи глад во северна Газа, предупредувајќи дека тој може да се прошири и кон јужниот дел на градот за неколку недели.
Наодите, поддржани од 21 меѓународна организација, меѓу кои и агенциите на ОН за храна и здравство, беа отфрлени од Израел и покрај доказите за масовно гладување.
Израелската Армија од октомври 2023 година во Газа уби речиси 65.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата непогодна за живеење и доведе до глад и ширење на болести.
Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираните палестински територии вчера издаде извештај во кој се потврдува дека Израел извршил геноцид во Газа.