Ahmet Gürhan Kartal
17 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - „Воената интервенција во Сирија беше во национален интерес на Велика Британија да ја спречи понатамошната употреба на хемиско оружје во Сирија“, изјави британската премиерка Тереза Меј, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Уверени сме во нашата проценка дека за овој напад веројатно е одговорен сирискиот режим и дека неговото однесување укажува на тоа дека најверојатно и понатаму ќе користи хемиско оружје“, изјави Меј во обраќањето во британскиот Парламент.
Таа додаде дека во одлуката на Лондон да се придружи на Вашингтон и Париз во воената акција основата ја сочинувал и хуман аспект.
„Не можеме да дозволиме употребата на хемиско оружје да стане нормална работа во Сирија, на улиците на Велика Британија или каде било на друго место.
Сликите од тамошното страдање потполно прогонуваат. Невини семејства, кои бараат засолниште во подземните бункери, пронајдени се мртви со пена на уста, изгореници во очите и нивните тела се опкружени со мирис на хлор. Децата се борат за живот, додека белите дробови им ги гушат хемикалиите. Фактот дека такво злосторство може да се случи во нашиот свет денес е дамка на нашето човештво“, изјави Меј.
Како одговор на нападот со хемиско оружје во Дума од 7 април, САД, Велика Британија и Франција рано во саботата бомбардираа повеќе позиции на силите на режимот на Башар ал Асад во Дамаск и Хомс, а станува збор за складишта со хемиско вооружување.