Barry Ellsworth
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
ТРЕНТОН (АА) - Владата на Канада нареди повлекување на семејствата на дипломатите од Куба поради мистериозната болест која се појавува кај дипломатскиот персонал во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Канадските власти ја прогласија Куба за „мисија без придружба“, што значи дека семејствата на канадските дипломати не смеат да останат во таа земја за време на мисијата. Семејствата на дипломатите треба да пристигнат во Канада следните денови.
Таквиот потег следуваше веднаш по новиот медицински извештај за мистериозните здравствени проблеми со кои се соочуваат десетици американски и канадски дипломати и членови на нивните семејства во Куба.
Во извештајот се вели дека дипломатите имале необјаснива и интензивна главоболка, вртоглавица, краткорочно губење на меморијата и чувство на хроничен замор, што може да биде резултат на нови видови оштетувања на мозокот.
„Причината за болеста е непозната, но можно е да се работи за антропоген фактор“, се вели во извештајот.
Канада претходно ангажираше сопствени медицински тимови за да извршат преглед на дипломатите, но не се идентификувани никакви конкретни причини.
Дипломатите тврдат дека во периодот на здравствените проблеми чуле високи фреквенции и болни звуци. Постојат бројни теории од такви што говорат за звучни напади до психички предизвикана болест, но засега нема конкретни докази.
И Соединетите Американски Држави (САД) ги повлекоа повеќето дипломатски кадри и нивните семејства од Куба, откако повеќе од 20 Американци во Хавана се пожалија на слични здравствени проблеми во јануари.
Канада за „мисија без придружба“ претходно ги прогласи и Либија и Авганистан, каде што на семејствата на дипломатите не им беше дозволен престој поради безбедносните кризи во тие земји.