Şenhan Bolelli
09 Јануари 2024•Ажурирај: 16 Јануари 2024
МАДРИД (АА) - Шпанската невладина организација „Каминандо Фронтерас“ објави дека 6.618 мигранти кои го напуштиле брегот на Северна Африка и се обиделе да стигнат до Шпанија во текот на 2023 година починале за време на патувањето, јавува Анадолу.
„Каминандо Фронтерас“ го претстави извештајот „Право на живот“ на новинарите во шпанската престолнина Мадрид, за приливот на мигранти во Шпанија во 2023 година.
Како што наведе шпанската невладина организација, 2023 година била најсмртоносната година за нерегуларните мигранти кои се обидувале да стигнат до бреговите на Шпанија.
Во извештајот се наведува дека дури 6.618 мигранти починале од жед и глад за време на патувањето или се удавиле во морето, што е трипати повеќе од претходната година.
Според овие податоци, минатата година на секои 18 минути умирал по еден мигрант во водите меѓу Северна Африка и Шпанија.
Во извештајот се наведува дека меѓу починатите мигранти, кои биле државјани на вкупно 17 земји, имало 363 жени и 384 деца.
„Каминандо Фронтерас“ подготвува редовен годишен извештај за мигрантите од 2007 година, а објави дека бројот на загинати мигранти во 2022 година бил 2.390.