Saadet Gökce
31 Март 2026•Ажурирај: 31 Март 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Австралија се противи на „смртната казна во сите околности“, изјави денес министерката за надворешни работи, Пени Вонг, осврнувајќи се на израелската легислатива за воведување смртна казна за палестинските затвореници, пренесува Анадолу.
Министерката утрово ги даде овие изјави за време на состанокот на пратеничката партија зад затворени врати, соопшти локалниот радиодифузер „Ес-би-ес њуз“.
Австралија во неделата потпиша заедничка декларација со Германија, Франција, Италија и Велика Британија, изразувајќи загриженост за „де факто дискриминаторскиот карактер на предлог-законот“.
„Смртната казна е нехумана и понижувачка форма на казнување без никаков ефект на одвраќање”, се вели во декларацијата.
Претходно вчера, израелскиот Кнесет го усвои законот со кој смртната казна станува стандардна казна за Палестинците во окупираниот Западен Брег, кои се осудени за извршување смртоносни напади кон Израелците.
Над 9.300 Палестинци, меѓу кои 350 деца и 66 жени, во моментов се во притвор во израелските затвори, според податоците на организацијата за правата на затворениците и израелската затворска служба.
Според палестинските и израелските организации за човекови права, тие се изложени на малтретирање, изгладнување, и медицинско запоставување, што доведе до смрт на десетици лица.
Од октомври 2023 година, Израел ги зголеми мерките против палестинските затвореници, што се случува истовремено со неговиот геноцид врз Појасот Газа, за кој има американска поддршка, и кој резултира со над 72.000 убиени лица и 172.000 повредени.