АНКАРА (АА) - Со изборот на поранешниот француски министер Емануел Макрон (39) за претседател на државата, уште еднаш во фокус влегоа политичарите кои како многу млади стапија на позицијата лидери, пишува Anadolu Agency (AA).
Макрон, кој во вториот круг претседателски избори што се одржаа во неделата, освои 66,06 отсто од гласовите, стана најмладиот француски претседател.
Тој беше советник на претседателот во заминување Франсоа Оланд, а потоа во Елисејската палата беше заменик-генерален секретар на претседателот.

Веќе во 2014 година назначен е на позицијата министер за економија, а две години подоцна, во април, го основаше движењето „En Marche“. Во август поднесе оставка од функцијата министер за економија и се кандидираше за претседателските избори.
Тој е во брак со поранешната наставничка Брижит Трогне, која е постара од него 24 години, со која се запознал уште како 15-годишник.
Победата на Макрон на изборите уште еднаш укажа на политичарите кои млади дојдоа на власт. Иако тоа се разликува од држава до држава, возраста од 35-45 години се смета за млада возраст за управување со држава.
- Орбан, 35-годишниот премиер на Унгарија -
Кога премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во јули 1998 година беше избран за таа позиција, тој имаше 35 години.
На таа позиција остана до 2002 година, за повторно да стапи на позицијата шеф на владата во 2010 година, на којашто е и денес.
Орбан е еден од основачите на Сојузот на млади демократи (Fidesz).
- Ципрас, младиот лидер на грчката левица -
На предвремените избори одржани на 25 јануари 2015 година победи партијата СИРИЗА, која освои 36,34 отсто од гласовите.
Кога лидерот на партијата, Алексис Ципрас, дојде на позицијата премиер имаше само 40 години.
- Младиот лидер кој ја освои Канада -
Премиерот на Канада Џастин Трудо кога во 2015 година беше избран за премиер на земјата имаше 43 години.
Неговата Либерална партија победувајќи на федералните избори, одржани во октомври 2015 година, стави крај на периодот на владеењето на Стивен Џозеф Харпер, кое траеше девет години.
Младиот лидер на либералите има завршено на два универзитета и стана 23. премиер на Канада. Неговиот татко, Пјер Трудо исто така беше премиер на оваа земја.
Пред да ја започне политичката кариера тој беше наставник по математика и француски јазик.
- Италија, земја на коалициите -
Со само 39 години, Матео Ренци во 2014 година беше избран за премиер на Италија, со што стана најмладиот политичар на таа позиција во историјата на оваа земја.
Откако беше поразен на референдумот за уставни измени што се одржа во 2016 година, Ренци поднесе оставка, со што стана четвртиот премиер што го направи тоа во изминатите шест години.
Во Италија, каде што од 1946 година се сменети 63 влади, владата на Ренци беше на чело 1.017 дена.
Поранешниот премиер на Италија, Ренци, е вториот лидер кој од 2008 година остана најдолго на власт.
- Млади лидери на Пакистан и на САД жртви на атентати -
Меѓу политичките личности кои многу млади дојдоа на лидерските позиции нема само мажи.
Кога Беназир Буто во 1988 година првпат седна на местото премиерка на Пакистан, имаше само 35 години. Таа почина во атентат извршен во 2007 година.
Џон Ф. Кенеди со 43 години во 1961 година стана 35. претседател на САД.
Додека беше на позицијата шеф на државата беше сведок на многу настани кои ја одбележаа светската историја. Не треба да го заборавиме ниту поставувањето на советските ракети во Куба, 1962 година. Поради тоа Кенеди нареди поморска блокада на Куба, а кризата што се случи го доведе светот на прагот пред „нуклеарна војна“.
Врз него во Далас, САД, на 22 ноември 1963 година беше извршен атентат. Осомничениот Ли Харви Освалд, додека лежеше во затвор поради атентатот беше убиен од страна на Џек Руби.
- Блер, повеќегодишниот премиер на Велика Британија -
Кога во 1997 година Тони Блер беше избран на позицијата премиер на Велика Британија, имаше само 43 години. Трипати по ред победи на изборите, а функцијата шеф на Владата ја извршуваше цела деценија.
Блер неретко е критикуван поради улогата што ја имаше во британското учество во војната во Ирак во 2003 година. Поранешниот премиер Блер во 2007 година се повлече од позицијата премиер како и од местото лидер на Лабуристичката партија, на чие чело се наоѓаше од 1992 година.