Ekipa
12 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, по состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Брисел, изјави дека е потребно да се продолжи дијалогот меѓу ЕУ и Русија иако двете страни имаат различни ставови во врска со одредени прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини на прес-конференцијата истакна дека ЕУ и Русија треба да ги утврдат заедничките области во кои е можно да се развие посилна соработка.
„Ние не делиме исто мислење со Русија во врска со одредени прашања, но мислам дека е потребно да се продолжи постојан дијалог меѓу двете страни”, изјави Могерини.
Таа изрази поддршка за неодамнешниот договор за примирјето во југозападниот дел на Сирија кои го постигнаа Русија, САД и Јордан.
Могерини додаде дека со Лавров разговарала и за можните начини во наредниот период да се помогне во решавањето на сириската криза.
„ЕУ, по постигнување на примирјето, е подготвена да ги вложи сите можни напори за повторно да се нормализира животот во таа земја”, изјави Могерини.
Таа нагласи дека за време на состанокот со рускиот шеф на дипломатијата зборувале и за состојбата во Либија, кризата во Заливот, израелско-палестинското прашање, нуклеарниот договор со Иран, случувањата на Корејскиот Полуостров, ситуацијата на Балканот, како и за ситуацијата во источниот дел на Украина.
Лавров во обраќањето пред новинарите изјави дека е потребно да се најде начин за да се разбуди дијалогот меѓу Русија и ЕУ со цел решавање на актуелните проблеми.
„ЕУ ги замрзна сите односи со нашите институции. Ние и понатаму сепак продолжуваме да живееме како нивни соседи. Сите прашања мора да се решаваат со меѓусебен дијалог. Мое мислење е дека ситуацијата ќе се подобрува со текот на времето. Тоа е од животно значење како за ЕУ така и за Русија”, изјави Лавров.