Главниот град на Уругвај, Монтевидео, кој се смета за „тивко богатство“ на Јужна Америка, со својот историски отпечаток, крајбрежниот живот и мирната атмосфера се издвојува како еден од највпечатливите градови на целиот континент, пишува Анадолу.
Монтевидео е основан како воена населба покрај пристаништето на брегот на реката Ла Плата, во широк залив од каде што може да се види ридот Серо де Монтевидео, по кој градот го добил името.
Корените на престолнината почнале да се обликуваат меѓу 1724 и 1730 година, кога шпанските семејства, кои пристигнувале од Буенос Аирес и Канарските Острови, почнале да го населуваат овој простор, отворајќи го долгиот процес на колонизација. Градот, за време на шпанското колонијално владеење бил подигнат како стратегиска воена база.

Градбата на одбранбените бедеми започнала околу 1741 година, за потоа, во 1829 година, да започне нивното уривање. Последните остатоци од овие древни тврдини, кои некако успеале да опстанат до поново време, сè уште можат да се видат долж улицата Бартоломе Митре, како и на пристанишните и јужните крајбрежни појаси.
Музиката, архитектурата, раскошното културно богатство и космополитскиот дух на овој град денес се прелеваат во една атмосфера која дише во совршен соживот со неговите брегови и синиот залив.
Познат како „тивкото богатство“ на Јужна Америка, Монтевидео продолжува да ги маѓепсува сите со својата историска текстура, со животот покрај вода и со смиреноста што нуди рај за душата.
Најважното социјално светилиште на градот, каде што локалното население се собира за заедно да пие традиционален мате чај и да ужива во денот, е Ла Рамбла де Монтевидео – светски познатото крајбрежно шеталиште карактеристично по своите незаборавни зајдисонца.
Монтевидео е познат како град во кој културниот пулс никогаш не згаснува, нежно преплетувајќи го секојдневието со поезијата и музиката, со своите музеи и со театарските претстави кои се прикажуваат во текот на целата година.
Скулптурите поставени на различните градски ќошиња, шарените мурали на ѕидовите и безвременските архитектонски дела, го претвораат јавниот простор во културен мозаик.

Афролатинските звуци својствени за Уругвај, ритамот на кандомбе и тангото, кои се впишани на листата на уметничко нематеријално културно наследство на УНЕСКО, го обликуваат музичкото срце на Монтевидео.
Еден од највпечатливите вкусови на традиционалната кујна на Монтевидео е асадото - говедско и јагнешко месо печени на жар омилено меѓу локалното население, но и меѓу посетителите.
Монтевидео е град каде што на секои три лица засадено е по едно зелено дрво. Монтевидео се издвојува меѓу престолнините на Латинска Америка како една од најчистите оази со извонреден квалитет на воздухот и бесконечни зелени површини. Неговиот крајбрежен појас, долг речиси 30 километри, со своите утрински зори и вечерни зајдисонца, на секој посетител му подарува искуство што се памети цел живот.
Тангото, кое е важен дел од уругвајската култура, во Монтевидео се истакнува со својата носталгична атмосфера, а светски познатото танго дело „Ла Кумпарсита“ за првпат е изведено токму овде.
„Мурга“ (сценска уметност), еден од симболите на Уругвајскиот карневал, го рефлектира социјалното и политичкото чувство за хумор на земјата со својата структура која ги обединува театарот, музиката и сатирата.

Концептот „Montevideo es Campo“ (Монтевидео е рурален) во Монтевидео покажува дека градот не е само урбан центар, туку дека во себе опфаќа и широки рурални области.
Благодарение на фармите и лозјата кои го сочинуваат поголемиот дел од градот, посетителите можат за кратко време од центарот на градот да стигнат до руралните туристички и вински рути.
„Сиудад Виеха“, кој локалното население го нарекува стар град, го сочинува историскиот центар на Монтевидео.
Оваа област била почетната точка на шпанското воено утврдување и во минатото била основана како населба опкружена со бедеми, позната под името „Сан Фелипе и Сантијаго де Монтевидео“.
Влезната порта на тврдината Сиудадела, која ја штитела областа, и денес е горд сведок. Структурата се наоѓа помеѓу Плоштадот на независноста и пешачката зона и се смета за почетна точка на историската тура.

Стариот град им нуди на посетителите можност да ја откријат културната текстура на градот со своите историски згради, музеи, изложбени салони, кафулиња, ресторани, дизајнерски продавници, книжарници и антикварници.
Стариот град е меѓу ретките зачувани историски области во Латинска Америка каде што можат заедно да се видат архитектурата од колонијалниот период и градбите во стилот на Арт Деко и неокласичните структури од 20. век.
Почетокот на уривањето на бедемите во 1829 година се смета за почеток на трансформацијата на Монтевидео од „град-тврдина“ во модерен и отворен град, а овој процес, паралелно со периодот на независност на Уругвај, ја симболизира желбата на младата република за отворање кон надворешниот свет.
news_share_descriptionsubscription_contact
