Muhammet Tarhan
22 Јули 2022•Ажурирај: 24 Јули 2022
АНКАРА (АА) – Во многу земји, а особено во Европа, расте бројот на кампањите за собирање средства за купување на турските беспилотни борбени летала „Бајрактар ТБ2“, со намера да се донираат како поддршка на Украинската армија и народ во војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Започнати се неколку вакви кампањи и тоа во Литванија, Норвешка, Полска и Канада, како и во Украина, за купување на „Бајрактар ТБ2“, произведен од турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“, за Украина каде што продолжува војната што ја започна Русија на 24 февруари.
Во кампањите се донираат различни суми пари со цел да се покаже солидаризираност со украинскиот народ.
- Под влијание на кампањите, „Бајкар“ донира 4 борбени дронови
Донаторската кампања организирана од украинскиот народ во јуни под називот „Бајрактар од народот“ беше успешно завршена.
Трогната од солидарноста на Украинците, компанијата „Бајкар“ донира три беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“ на Украина, кои требаше да се купат со собраните донации, без никаква наплата.
- За три дена во Литванија собрани над 6 милиони долари
Во кампањата организирана од литванскиот народ за купување беспилотното летало за Украина, за само три дена беа собрани 6 милиони евра (6,1 милион долари). „Бајкар“, трогнат од кампањата, излезе во пресрет и на 6 јули донира борбен дрон во Литванија поради покажаната солидарност на Литванците.
Кампањата „„Бајрактар“ од Норвежаните до украинскиот народ“ беше започната во Норвешка со истата цел за собирање 55 милиони круни (5,5 милиони долари).
Кампањата започната кај соседот на Украина, Полска, за достигнување на поставената цел за собирање 22,5 милиони полски злоти (5 милиони долари) за истата цел продолжува.
- Кампањите во Европа ја инспирираа и Канада
Донаторските кампањи што се одржаа за собирање средства за набавка на „Бајрактар ТБ2“ за Украина ги инспирираа Украинците и во Канада.
Кампањата, која ја започна Организацијата за хуманитарна помош „UhelpUkraine“, со седиште во Торонто, Канада, има за цел да собере 7 милиони канадски долари (5,4 милиони американски долари).
Борбеното беспилотно летало, кое ќе биде купено доколку кампањата успее да ги собере потребните средства, треба да биде доставено до Украинската армија на 24 август, на Денот на независноста на Украина.
- Канада привремено ја прекина продажбата на делови за вооружени дронови за Туркије
Во октомври 2020 година канадската Влада ја прекина продажбата на системи за електрооптички системи и инфрацрвени камери за Туркије како вооружена опрема за беспилотните летала наведувајќи го како причина користењето на турските борбени дронови во операциите против Ерменската армија во Нагорно-Карабах.
Во април 2021 година, канадската администрација објави дека ги откажала „дозволите за воен извоз“ за Туркије.
Норвешка, исто така, објави дека по почетокот на антитерористичките операции на Туркије во Сирија, односно операцијата „Извор на мирот“ во 2019 година, ја суспендира сета нова продажба на оружје за Анкара и дека ќе ги ревидира сите претходно дадени лиценци за извоз на оружје.