Ekipa
04 Јуни 2017•Ажурирај: 05 Јуни 2017
ТОРИНО (АА) - Над 1.500 луѓе се повредени во синоќешното стампедо што се случи во центарот на Торино, каде што навивачите на Јувентус на големи екрани го гледаа финалниот натпревар од Лигата на шампионите, соопштија локалните власти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Управата на Торино соопшти дека стампедото било предизвикано поради страв од терористички напад. Изворот на бучавата што предизвикала паника сѐ уште не е непознат, но италијанските медиуми шпекулираат дека станува збор за експлозија на петарда.
На централниот Плоштад Сан Карло во Торино, илјадници навивачи го гледаа преносот на финалето од Лигата на шампионите, во кое се сретнаа екипите на Јувентус и Реал Мадрид. Реал на крајот славеше победа со резултат 4:1 и го освои трофејот на елитното клупско натпреварување во Европа.
Во еден момент, поради лажна дојава за експлозија, навивачите во паника почнаа да бегаат од плоштадот и ги срушија сите бариери со кои беше ограден плоштадот.
Повеќето од повредените се повредиле во турканиците обидувајќи се да избегаат од плоштадот, каде што, меѓу другото, имало големи количини на скршени шишиња. Властите соопштија дека три лица, меѓу кои и едно дете, се во критична состојба.