Eshat Fırat
23 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) – Реакции во јавноста предизвикаа снимките објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како израелската полиција напаѓа еден Палестинец, возач на камион во окупираниот Источен Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
На видеото може да се забележи како во подрачјето Вади ел-Џевз, кое се наоѓа во окупираниот Источен Ерусалим, еден припадник на специјалните израелски сили, најпрво се расправа со палестинскиот возач, а потоа го напаѓа. Возачот не му возвраќа на полицаецот, кој напаѓа и други Палестинци, кои се обидуваат да интервенираат.
По објавувањето на снимките од настанот на социјалните мрежи, кој се случи утрово, пратеникот и член на Заедничкиот блок на арапската листа во израелскиот парламент (Кнесет), Ахмед Тијби, испрати писмено соопштение.
Пратеникот Тијби, изјави дека случајот од ова видео, кое предизвика бес, е пренесен во Министерството за внатрешни работи на Израел.
Тој го оцени однесувањето на израелскиот полицаец како садистичко и мафијашко, при што бара негово разрешување од полицијата и притворање.
Во соопштението од израелската полиција пак се наведува дека случајот претставува индивидуално однесување и дека полицаецот е суспендиран.