Burç Eruygur
10 Јули 2023•Ажурирај: 11 Јули 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека членките на НАТО се согласиле да го отстранат барањето за Акцискиот план за членството (МАП) на Украина во Алијансата, јавува Анадолу.
„По интензивните разговори, сојузниците во НАТО постигнаа консензус за отстранување на МАП од патот на Украина за членство. Ја поздравувам оваа долгоочекувана одлука што го скратува нашиот пат кон НАТО“, напиша на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Кулеба понатаму рече дека ова е и „најдобар момент да се понуди јасност за поканата до Украина да стане членка“.
Претходно во саботата Кулеба рече дека патот на Украина кон членство во НАТО ќе стане пократок по претстојниот Самит на Алијансата во литванскиот главен град Вилнус.
Кулеба истакна дека Самитот во Вилнус е „уникатен момент“ за да се донесе јасност, додавајќи дека губењето на оваа можност би значело да ѝ се даде на Русија „подарок во време кога тој (претседателот Владимир Путин) треба да биде притиснат на сите фронтови“.
МАП е програма што им дава совети, помош и практична поддршка на земјите што сакаат да се вклучат во НАТО, врз основа на индивидуалните потреби на секоја земја во однос на политички, економски, одбранбени ресурси, безбедност и правни аспекти.
Украина и официјално го поднесе своето барање за брзо членство во НАТО минатиот септември, по руската анексија на четири украински региони. Но сојузниците на НАТО изгледа како да се поделени по ова прашање, велејќи дека нова членка среде војна не е приоритет.