Sayed Khodaberdi Sadat
23 Март 2016•Ажурирај: 24 Март 2016
МЕЗАР-И-ШЕРИФ (AA) – Командант на НАТО во Авганистан Џон Николсон упати извинување за воздушниот напад кој американските бомбардери пред пет месеци го изведоа на болницата на организацијата Лекари без граници во северниот авганистански град Кундуз, јавува Anadolu Agency (AA).
Николсон го посети Кундуз и во таа прилика се состана со семејствата на страданите во нападот на болницата.
„Претходно за тој напад се извинија институциите на САД,а јас лично сакав како командант на НАТО да дојдам и да им се извинам на семејствата на страданите и на целиот народ на Кундуз. Сакам да ја поделам Вашата болка“, изјави Николсон.
Истакнувајќи дека радикалното талибанско движење повторно се обидува да го дестабилизира Кундуз, Николсон порача дека силите на НАТО и на Авганистан тоа нема да го дозволат. Додаде дека НАТО никогаш нема да го напуштат народот на Авганистан.
Во нападот кој американските авиони го изведоа пред пет месеци во Кундуз погодена е и болница со која управува организацијата Лекари без граници, а во таа прилика животот го загубија најмалку 22 лица.