Aida Cako
18 Февруари 2025•Ажурирај: 19 Февруари 2025
АЛБЕРТА (АА) – Националниот парк Елк Ајленд во Алберта, Канада, има клучна улога во зачувувањето на американските бизони и покрај екстремните зимски услови што ја зафатија областа, јавува Анадолу.
Овој заштитен простор, кој се наоѓа на околу 35 километри источно од Едмонтон, е еден од најзначајните центри за заштита на овие исклучителни животни, со контролирани стада што имаат клучна улога во напорите за обновување на нивната популација низ Северна Америка, дури до Русија.
Елк Ајленд зафаќа површина од 194 квадратни километри и тоа е најголем целосно ограден национален парк во Канада.
Паркот, кој е прогласен за резерват во 1906 година, е дом на значителна популација на бизони, како и на други диви животни, меѓу кои лосови, елени и ливадски волци.
Покрај тоа, во оваа заштитена област се регистрирани повеќе од 250 видови птици, што ја прави важна локација за биодиверзитетот во регионот.
Во текот на зимските месеци, кога температурите се екстремно ниски и до -35 Целзиусови степени, животните во паркот се соочуваат со предизвик да најдат храна.
Сепак, бизоните, кои се симбол на северноамериканската дивина, успешно ги преживуваат суровите климатски услови.
Освен што е засолниште за дивиот свет, Елк Ајленд е и популарна туристичка дестинација, особено позната по пејзажите, мирните езера и чистото ноќно небо.
Паркот е дел од мрежата на биосферни резервати на УНЕСКО, што ја потврдува неговата глобална важност во зачувувањето на природното наследство.