Sarp Özer
16 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - САРП ОЗЕР - Началникот на Генералштабот на војската на Република Турција, генералот Хулуси Акар, денес во Брисел ќе се состане со началникот на Генералштабот на американската војска, генералот Џозеф Данфорд, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите до кои дојде новинарот на АА, Акар допатува во Брисел каде ќе присуствува на состанокот на Воениот совет на началниците на Генералштабовите на НАТО.
Акар за време на посета на Брисел ќе има и низа билатерални состаноци, од кои најважниот е состанокот со својот американски колега Џозеф Данфорд.
Состанокот ќе се одржи пред можната акција на турските сили во сирискиот град Африн, а се очекува Акар и Данфорд да разговараат и за случувањата и безбедносните проблеми во Сирија.
Исто така, една од значајните точки на разговор меѓу Акар и Данфорд ќе биде и најавата на САД дека меѓународната коалиција против ДЕАШ, предводена од САД, со Сириските демократски сили (SDG) - група контролирана од терористичката организација ПКК/ПЈД, ќе основа нови гранични безбедносни сили (BSF) од 30.000 припадници.
Акар претходно одржа состанок и со врховниот командант на НАТО за Европа, генералот Кертис Скапароти.