Amina Zorniç
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
КОПЕНХАГЕН (АА) - Епитетот најсреќна земја во светот, Данска го оправдува со позитивна работна етика врз основа на скратено работно време, јавува Anadolu Agency (AA).
Балансот на здрав живот и здрави работни односи е клучен дел од данската култура, а тоа е најдобро илустрирано со фактот дека слоганот е истакнат на официјалната веб-страница на оваа скандинавска земја.
Данската Влада има утврдено 37 работни часа во неделата, предвидена одредена пауза за ручек, најмалку пет недели платен одмор, продолжено и платено родителско отсуство и флексибилни работни распореди, со можност за работа од дома.
Според веб-страницата „Упвортху“, Данците во просек трошат помалку од една третина од времето на работа, што ги прави уште повеќе продуктивни отколку граѓаните на другите земји на Европската Унија или во САД.
Во Данска е дозволено на јавните дигитални календари да се истакнат семејни настани за да ги видат и другите, а истата слобода им е дозволена и на самците, иако Владата се залага за приоритет на семејствата и дава надоместок за згрижување на децата.
„Повеќе работа значи повеќе стрес, а тоа значи повеќе здравствени проблеми. Можеби ова е причината зошто трошоците на Данците се најмали во здравствениот сектор“, пишува „Упвортху“.
Работното законодавство своите правила ги темели врз основа на научни анализи, кои покажуваат дека луѓето што се поодморени се повеќе креативни, и затоа се подобри и посреќни работници.
„Во Данска, сметаме дека секој треба да биде почестен, од директор до домар. Тоа се обидуваме да ги научиме и нашите деца, односно да се фокусираат на доброто во себе и во другите, а не на статусот во општеството“, изјави данскиот психотерапевт Ибен Сандахл за весникот „Локал“.
Најмалата нордиска земја во Северна Европа, кој има 5.58 милиони жители е прогласена повеќепати за најсреќна земја во светот при што било вклучено човековото здравје, сигурност на работното место, политичка слобода и корупција во власта.