Rania R.a. Abushamala
13 Јануари 2025•Ажурирај: 13 Јануари 2025
ГАЗА (АА) - Најмалку 11 Палестинци се убиени, а неколку други се повредени денес во израелските напади кои беа насочени кон градот Газа и северната енклава, јавува Анадолу.
Петмина Палестинци беа убиени, а повеќемина повредени утринава во израелски воздушен напад чија цел беше засолниште во градот Газа, изјави медицински извор за Анадолу.
Очевидци рекоа дека нападот бил насочен кон училиштето „Салах ал-Дин“ во населбата Ал Дараџ, кое служи како засолниште за раселените.
Претходно, цивилната одбрана ја објави првичната бројка од четворица Палестинци убиени во нападот.
Во северниот дел на Појасот Газа, еден Палестинец е убиен, а други беа повредени во израелски воздушен напад чија цел беше собир на цивили во градот Џабалија.
Синоќа беа убиени пет Палестинци, а други беа повредени во израелски напад чија цел беше станбена зграда во кој биле сместени членовите на семејствата Џарада и Катер во населбата Ал-Шуџаја, источно од градот Газа, изјавија очевидци за Анадолу.
Израелската Армија уби повеќе од 46.500 Палестинци, повеќето жени и деца, во Газа во нападите кои започнаа по прекуграничниот упад на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Во ноември 2024 година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна против енклавата.