Betül Yılmaz
22 Август 2025•Ажурирај: 23 Август 2025
ГАЗА ГРАД / ИСТАНБУЛ (АА) - Израелската армија уби најмалку 25 Палестинци од раните утрински часови низ Појасот Газа, јавува Анадолу.
Медицински извори за Анадолу изјавија дека се убиени 12 лица, меѓу кои жени и деца, а десетици се повредени кога израелската артилерија гранатирала училиште во кое биле сместени стотици раселени цивили во населбата Шеик Ридван во градот Газа.
Пет члена на едно семејство, од кои три деца, се убиени во израелски напад врз шатор за раселени лица во оваа населба.
Израелската армија изврши напад врз станбена зграда во бегалскиот камп Шати, во западниот дел на градот Газа, при што се убиени брачен пар и две ќерки.
Во југоисточниот дел на градот Газа израелските авиони целеле кон група цивили во населбата Сабра, при што се убиени мајка и син, а во друг напад врз куќа во оваа област убиени и повредени се уште неколкумина.
Израелската армија изврши интензивно бомбардирање во близина на медицински центар и џамија во населбата Сабра.
Во централниот дел на Појасот Газа убиени се двајца Палестинци, а петмина се повредени кога две израелски беспилотни летала погодиле стан во бегалскиот камп Нусејрат.
Израелската армија погоди постројка за десалинизација на вода во градот Асда во западен Кан Јунис, при што се повредени раселени цивили што чекале вода.
Неколкумина Палестинци се повредени во израелскиот напад чија цел била напуштена куќа во бегалскиот камп Кан Јунис.
Израел уби над 62.100 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.