Betül Yılmaz
24 Септември 2025•Ажурирај: 24 Септември 2025
ГРАД ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) — Израелската армија рано утрово уби најмалку 42 Палестинци во Појасот Газа и повреди повеќемина, соопштија медицински лица, јавува Анадолу.
Цивилната одбрана на Газа истакна дека 22 лица, од кои девет деца и шест жени, се убиени, а многумина се повредени во израелскиот воздушен напад врз раселени цивили во населбата Ал-Дараџ во градот Газа.
Две лица ги загубија животите во гранатирањето на станбена зграда во истата населба, изјавија медицински извори за Анадолу.
Во населбата Сабра во градот Газа се убиени пет лица и повеќемина се повредени, а уште еден цивил е убиен во населбата Ал-Рамла од страна на израелската армија.
Во населбата Тел Хава армијата гаѓаше возило што превезуваше раселени Палестинци и уби две лица и повреди неколкумина.
На 21 септември израелската армија објави дека ги ескалира копнените операции во градот Газа, кои започнаа на 11 август со напад од големи размери, како дел од планот одобрен во август од Владата за постепено окупирање на Појасот Газа.
Во централниот дел на Појасот Газа во израелските напади врз две куќи во бегалскиот камп Нусејрат загинаа петмина Палестинци, а многумина се повредени, меѓу кои жени и деца.
Петмина Палестинци кои барале хуманитарна помош се убиени во израелскиот оган во близина на пункт за дистрибуција на помош во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Израелската армија уби над 65.300 Палестинци, повеќето од нив жени и деца, во Газа од октомври 2023 година. Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата несоодветна за живеење и доведе до глад и ширење на болести.