свет

Независната комисија на ОН: Израел спроведува координирана политика за уништување на здравствениот систем во Газа

Пилај ги потсети сите земји на нивната одговорност „да не продолжуваат со поддршката на оваа (израелска) окупација. Било каква било поддршка, воена, политичка или признавање...“

Merve Gül Aydoğan Ağlarcı  | 31.10.2024 - Обновена : 31.10.2024
Независната комисија на ОН: Израел спроведува координирана политика за уништување на здравствениот систем во Газа

ХАМИЛТОН (АА) - Независната Комисија на Обединетите нации денес потврди дека Израел има „планирана политика“ за уништување на здравствениот систем на Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Нашиот извештај до Генералното собрание, кој го презентиравме утрово, ги разгледува нападите врз медицинските установи и персоналот, и третманот на заробеници и заложници од 7 октомври 2023 година до август 2024 година“, истакна Нави Пилај, претседателката на Независната меѓународна истражна комисија за окупираните палестински територии, вклучително и Источен Ерусалим и Израел, на прес-конференцијата во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.

Нагласувајќи дека откриена е „координирана политика за уништување на здравствениот систем на Газа“, Пилај рече дека „палестинските затвореници биле подложени на постојано малтретирање од страна на израелските власти, што е еднакво на тортура како воено злосторство и злосторство против човештвото“.

„Ние имаме намера да продолжиме со спроведувањето на нашиот мандат, и во врска со давање препораки, особено за мерките за одговорност“, рече таа, ветувајќи напори за ставање крај на неказнивоста и обезбедување правна одговорност.

Извештајот доставен до Генералното собрание покажа дека „илјадници Палестинци, главно мажи и момчиња од Газа, се арбитрерно приведени и држени без начини за комуникација“.

„Израелските сили ги користеа затворениците како жив штит и на Западниот Брег и во Газа, што претставува воено злосторство“, се наведува во извештајот.

Комисијата објави дека палестинските затвореници, меѓу кои и постари лица и деца, „се подложени на постојано малтретирање од страна на израелските власти, вклучувајќи тепање, континуирано врзување на очите и ставање лисици, сериозна пренатрупаност, смртни закани, понижување, лишување од храна, ограничување на соодветна хигиена и недозволување медицински третман.

Запрашана за правните последици и „бавните процеси“ во Меѓународниот кривичен суд (МКС), Пилај рече: „Тоа е бавен процес, но стигнуваме до таму. Стигнуваме до таму главно поради активизмот од страна на граѓанското општество, жртвите и комисиите како нас“.

Во врска со „позитивните чекори“ што треба да ги преземат земјите за ставање крај на израелската окупација, Пилај рече дека „обврска е на секоја држава во рамките на меѓународното право да преземе чекори да не соработува со самата окупација“.

Таа ги потсети сите земји на нивната одговорност „да не продолжуваат со поддршката на оваа (израелска) окупација. Тоа би било каква било поддршка, воена, политичка или признавање, дури и за преместување на амбасадите во Ерусалим“.

„Морате да го промените вашиот традиционален начин на третирање на ситуацијата“, рече таа.

Пилај рече дека постојат „двојни стандарди“ кон Палестина, особено од страна на одредени земји членки, и нагласи дека „огромните прекршувања“ историски се случиле пред 7 октомври и ја обвини окупацијата.

Прашана за воените злосторства против Палестинците и одговорноста, Пилај рече дека има повеќе од „10.000 докази“ кои се однесуваат на „постоење на доказ за геноцид“.

„Се посветивме на собирање докази со цел да обезбедиме одговорност“, рече таа, посочувајќи дека „нема друг орган на ОН со истражен мандат и дека комисијата е „хендикепирана. Не ни е дозволено да влеземе во земјата.“

Посочувајќи дека постојат начини и мерки кои Советот за безбедност и Генералното собрание може да ги усвојат кога една земја членка не се придржува до начелата, Пилај го истакна случајот со Јужноафриканската Република и нејзиното членство суспендирано до завршувањето на апартхејдот.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.