Ahmed Asmar
19 Март 2024•Ажурирај: 20 Март 2024
ГАЗА (АА) - Неколку Палестинци загинаа кога израелски воен авион денес удри во куќа во градот Газа, јавува Анадолу.
Погодената куќа се наоѓала во близина на болницата Ал-Шифа, во која израелската Армија извршила рација во понеделникот, велат очевидците.
„Медицинските лица не можат да стигнат до местото на нападот бидејќи израелските сили отвораат оган врз кој било подвижен објект таму“, изјави еден од нив за Анадолу.
Министерството за здравство на енклавата допрва треба да ги потврди жртвите.
Израелската Армија во понеделникот упадна во болницата Ал-Шифа, во која се сместени илјадници болни и ранети пациенти, како и раселени луѓе.
Според израелскиот јавен сервис КАН, околу 80 Палестинци биле приведени од објектот.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени повеќе од 31.800 Палестинци, главно деца и жени, a речиси 74.000 се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни средства за опстанок.
По обвинението за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување на геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.