Ayhan Şimşek
14 Јуни 2018•Ажурирај: 15 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Коалиционата Влада на германската канцеларка Ангела Меркел денес беше изложена на опасност поради спорот во врска со планот на Министерството за внатрешни работи за одбивање азил на лицата кои го бараат на границите, јавува Anadolu Agency (AA).
Германскиот Парламент (Бундестагот), ја прекина својата седница, бидејќи пратениците од Христијанско-демократската унија (CDU) на Меркел и Христијанско-социјалната унија (CSU) на министерот за внатрешни работи, Хорст Сихофер, одлучија да одржат итни состаноци.
Синоќешните разговори меѓу Меркел и Сихофер не успеаја да донесат решение за кризата, а лидерот на Христијанско-социјалната унија, Сихофер, се закани дека ќе продолжи со својот план и ќе го имплементира како министерска одлука, без да побара одобрување од канцеларката, известуваат локалните медиуми
Сихофер, чија партија ќе се соочи со регионални избори во Баварија во октомври, неодамна ги зајакна своите критики за политиката на Меркел за отворени врати за бегалците.
Неговиот нов „план за миграција“, кој сакаше да го претстави оваа недела, предвидува одвраќање на барателите на азил на германската граница ако влегле во ЕУ од друга земја членка и првпат се регистрирале таму.
Меркел во неколку наврати ги отфрли унилатералните чекори од страна на земјите членки на ЕУ за запирање на илегалната миграција и повика на заедничка политика за азил во ЕУ за решавање на бегалската криза.
Таа, исто така, ги повика другите земји членки на ЕУ да го споделат товарот со Италија и Грција, кои добиваат најголем број бегалци во 28-членскиот блок.