Ahmed Asmar
02 Април 2024•Ажурирај: 03 Април 2024
АНКАРА (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ја призна смртта на седум хуманитарни работници во воен напад во Појасот Газа, јавува Анадолу.
Седум хуманитарни работници на американската хуманитарна организација Светска централна кујна (СЦК) беа убиени вчера во израелски напад во централниот дел на Појасот Газа.
Шест странци беа меѓу жртвите на нападот, што се случи кога нивниот конвој беше погоден кога излегуваше од складиште во Деир ал-Балах, откако достави повеќе од 100 тони хуманитарна помош во храна, објави претходно СЦК.
Нетанјаху рече дека смртта на хуманитарните работници е „ненамерно убиство на невини“ и дека ќе биде истражена, објави весникот „Једиот ахронот“.
„Ова се случува во војна, ние го истражуваме тоа темелно, ние сме во контакт со релевантните страни и ќе направиме сѐ за да не се повтори вакво нешто“, додаде Нетанјаху откако беше пуштен од болницата каде што беше опериран.
Израелската војска ја презеде одговорноста за нападот на хуманитарниот конвој рано утринава и вети дека ќе започне темелна истрага за инцидентот.
Седумте загинати хуманитарци се од Австралија, Палестина, Полска, Велика Британија, како и двоен државјанин на САД и Канада.
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа 32.916 Палестинци, објави денес Министерството за здравство на Газа.
Голем дел од Појасот Газа е уништен откако Израел, обвинет за геноцид, ја започна војната во октомври минатата година по прекуграничниот напад на Хамас. Израелските сили веќе неколку месеци непромислено уништуваат згради и цели населби, уништувајќи 60 отсто од инфраструктурата на палестинската енклава.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, во тековната постапка за геноцид против Израел на барање на Јужноафриканската Република.