Turgut Alp Boyraz
14 Декември 2017•Ажурирај: 14 Декември 2017
КУДС (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека верува оти многу земји ќе ги преместат своите амбасади во Кудс, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ваквите изјави не влијаеа на нас. На крајот ќе победи реалноста и многу земји Кудс ќе го признаат како главен град на Израел и таму ќе ги преселат нивните амбасади“, рече Нетанјаху.
„Кудс е главен град на Израел, и ние овозможуваме слобода на вероисповед за сите верски групи во светиот град“, рече Нетанјаху во својот говор на церемонијата во Западен Кудс, што се одржа во чест на израелската разузнавачко-безбедносна агенција Мосад.
Тој додаде дека Палестинците треба да ја прифатат оваа реалност и да работат да се постигне мир.
Потсетуваме, претставниците на Организацијата за исламска соработка (ОИК) на самитот во Истанбул го поканија целиот свет да го признае Источен Кудс како главен град на палестинската држава.
Претседателот Доналд Трамп 6 декември ја донесе одлуката за признавање на Кудс како главен град на Израел, како и преместување на амбасадата на САД од Тел Авив во Источен Кудс.
Ова беше проследено со бројни протести низ Западниот Брег и на границата со Газа, каде што за време на интервенциите на израелските сили беа повредени голем број Палестинци.