Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout,Gülşen Topçu
12 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
АЛ-КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека палестинските власти имаат цел постепено уништување на Израел, пренесува Анадолу.
Според наводите на израелската телевизија „Канал 12“, Нетанјаху се обрати на состанокот на парламентарниот одбор за надворешни работи и безбедност.
„Разликата меѓу Хамас и палестинската управа е во тоа што Хамас сака веднаш да нѐ уништи, а палестинското раководство сака постепено да нѐ уништи“, рече Нетанјаху.
Израелската Влада тврди дека цел на воените напади врз Појасот Газа е уништување на Хамас, а Нетанјаху неодамна изјави дека предавањето на контролата над Газа на палестинските власти „нема да биде решение“ за актуелната криза.
Нетанјаху, исто така, претходно изјави дека не планира да дозволи палестинските власти да управуваат со Појасот Газа по завршувањето на израелската окупација.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени приближно 18.205 Палестинци, а ранети се над 49.645 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.