Elena Teslova
29 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, утре ќе патува во официјална посета на Русија, се соопштува од Кремљ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На 30 јануари во Москва, рускиот претседател Владимир Путин ќе се состане со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ќе биде во кратка работна посета на Русија“, се вели во соопштението на Кремљ.
Според медиумските извештаи, Путин и Нетанјаху ќе дискутираат за предложеното решение на САД за израелско-палестинскиот конфликт, таканаречено Договор на векот.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, вчера на прес-конференцијата во Москва изјави дека е скептичен во врска со договорот.
Тој изјави дека обидите на САД да пронајдат радикални решенија за меѓународните проблеми, не носат никаков позитивен развој.
Осврнувајќи се на предлогот на САД, Лавров изјави дека најважна работа е да се дознаат ставовите на страните, пред сè, вклучувајќи ги Палестинците, бидејќи се работи за формирање на палестинска држава.
„И секако, треба да ја разбереме реакцијата на арапските пријатели на Палестина, Арапската лига, со оглед дека тоа е арапската мировна иницијатива што беше одобрена од светската заедница како составен дел на решението за проблемот на две држави - Израел и Палестина“, рече Лавров.