Adam Abu Bashal
01 Мај 2018•Ажурирај: 02 Мај 2018
АБУЏА (АА) – Најмалку 42 лица загинаа, а 68 се ранети во двократен самоубиствен напад во текот на попладневна молитва во џамијата во сојузна држава Адамава на североистокот на Нигерија, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на полицијата Отмна Абубакар за АА рече дека двајца бомбаши самоубијци изведоа напад така што активираа елеци со експлозив.
„Денеска околу 13 часот бомбаш самоубиец во тинејџерски години влезе во џамијата во квартот Јан Гвајо во градот Муби и во моментите додека луѓето извршувале молитва, детонираше елек кој го носеше на себе. Другиот бомбаш самоубиец детонираше втора бомба додека луѓето се обидуваа да избегаат на безбедно", рече Абубакар, додавајќи дека бројот на загинатите достигна 42, а ранети се 68 лица.
Сани Какале, припадник на Цивилна заштита за новинарите изјави дека повеќето ранети кои се префрлени во болница се здобија со тешки повреди, изразувајќи страв дека бројот на жртвите може да биде поголем.
Уште никој не презел одговорност за нападот, но се сомнева дека најверојатно се работи за вооружената група Боко Харам, која од 2009 година врши насилство во Нигерија.