Ruslan Rehimov
02 Декември 2020•Ажурирај: 03 Декември 2020
БАКУ
Новата ситуација во регионот е одредена од победата на азербејџанската Армија на бојното поле и Декларацијата потпишана на 10 ноември со посредство на Русија. Откако операцијата што ја започна азербејџанската Армија на 27 септември беше успешна, Ерменија го прифати поразот, ја потпиша Декларацијата за прекин на огнот и ја повлече својата армија од регионот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во операциите што траеја 44 дена, Азербејџан ги ослободи од окупација провинциите Фузули, Џебраил, Зенгилан, Губадли, градот Шуша и некои делови од провинциите Хоџавенд, Хоџали и Агдере.
Новата реалност азербејџанскиот претседател Илхам Алиев ја опиша на следниов начин: „Ние го протеравме непријателот од нашите територии и создадовме нова реалност. Секој ќе ја прифати оваа реалност“. Тоа го вклучува и фактот дека територијата што со години беше под окупација сега е под контрола на Азербејџан, а мигрантите се враќаат во татковината на нивните предци.
Во новиот процес, откако ќе се обезбедат потребните безбедносни и инфраструктурни можности, Азербејџанците кои беа принудени да мигрираат од овие места, ќе се вратат во ослободените градови.

- Азербејџанците ќе се вратат во своите домови пред окупацијата
Откако во операциите на азербејџанската Армија се ослободени Фузули, Џебраил, Зенгилан, Губадли и Шуша, Азербејџанците повторно ќе можат да живеат на овие места како и пред окупацијата. Откако ќе се санираат инфраструктурата и објектите во овие пет региони, Азербејџанците кои околу 30 години живеат како лица принудени на миграција, ќе можат да се вратат во своите стари домови.
Во согласност со Декларацијата за прекин на огнот, Азербејџанците исто така ќе можат да живеат и во регионите Агдам, Келбеџер и Лачин, кои се ослободени од ерменската окупација, а во периодот на окупацијата беа нелегално населени со ерменска популација. Според азербејџански извори, околу еден милион Азербејџанци живееле далеку од својата земја поради окупацијата. Со ставање крај на окупацијата, се очекува ова население да се врати во своите домови.
Во Договорот за прекин на огнот не е наведен никаков административен статус за регионот Нагорно Карабах. Во местата Ханкенди, Хоџавенд, Хоџали и Агдере кои се наоѓаат на територијата на Карабах, заедно со Ерменците што во моментов живеат на тие простори ќе живеат и Азербејџанците кои биле принудени да мигрираат поради окупацијата. Ерменците што живеат во овој регион ќе бидат азербејџански граѓани. Претседателот Алиев во секоја пригода истакнува дека животот на Ерменците на тие простори ќе биде подобар од порано.
Засега, руските елементи ќе бидат задолжени за безбедноста на ерменскиот народ што живее на тие простори. Заедничкиот турско-руски центар што ќе се формира во регионот, ќе го следи спроведувањето на примирјето.
- Ќе се градат нови коридори
Трасата наречена Коридор „Лачин“, која е единствениот пат меѓу Нагорно Карабах и Ерменија, пет години ќе биде под контрола на руските војници кои ќе бидат на привремена должност во регионот. Бидејќи центарот на градот Лачин потпаѓа под овој коридор, чиј опсег е утврден на 5 километри, во текот на наредните три години на овој простор ќе има руски безбедносни елементи. Овој пат се планира да се помести надвор од центарот на градот во рок од три години. Со отворањето на новиот пат, за кој претседателот Алиев рече дека ќе биде завршен за пократок рок, ќе биде завршена должноста на руските војници во центарот на градот Лачин.
Патот кој од Ерменија оди кон Ханкенди поминува низ центарот на Шуша, кој Азербејџан го ослободи од окупацијата и воспостави контрола врз него. Во согласност со потпишаното примирје, и овој пат ќе биде поместен надвор од градот. Ерменците азербејџански државјани кои живеат во Ханкенди ќе можат да патуваат за Ерменија преку обиколницата што ќе се изгради. Во периодот што следува, контролата на влезовите и излезите ќе ја врши Азербејџан.
Коридорот што ги поврзува Нахчиван и западните региони на Азербејџан, на кој особено инсистираше претседателот Алиев во преговорите за прекин на огнот, ќе биде една од новите реалности во регионот. Во времето на поранешниот Советски Сојуз, Нахчиван и главниот дел на Азербејџан биле меѓусебно поврзани со железнички и копнен пат. Оваа конекција што беше прекината во периодот на окупацијата, повторно ќе биде обновена. Руските војници ќе бидат задолжени за безбедноста на овој коридор во наредните пет години. Мандатот на руските војници во регионот ќе продолжи доколку страните не се противат на тоа. Страната која не се согласува со мандатот на руските војници, ќе мора да даде известување за тоа, шест месеци пред истекот на рокот.
Со завршувањето на коридорот, ќе биде воспоставена копнена врска помеѓу Азербејџан и Турција. Претседателот Алиев истакна дека покрај Иран, Русија, Турција, доколку сака и Ерменија ќе може да се приклучи во овој коридор.
Нагорно Карабах и околните покраини се наоѓаат пред период на реконструкција, рехабилитација и обезбедување мирен соживот.