Şule Özkan
14 Декември 2023•Ажурирај: 15 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Израел има за цел да ги депортира Палестинците во Египет откако ги принуди, во потрага по безбедно подрачје, да се засолнат во јужниот дел од Појасот Газа, изјави новинарката од Газа, Худа Наим, јавува Анадолу.
„Многу луѓе отидоа од север кон југ со надеж дека ќе најдат безбедна област, но во последниве денови видовме дека нема безбедно место. Цивилите се цел и таму се извршени масакри“, изјави Худа Наим за Анадолу.
Тие се обидуваат да преместат 2,3 милиони луѓе на многу мала област, прво од север кон југ, потоа од југоисток кон југозапад „како марионети“, додаде Наим.
Иако населението блокирано во јужниот дел на Газа е загрижено, таа рече дека цврсто се држат за нивната земја бидејќи „добро знаат што ќе се случи ако ја напуштат Газа“.
„Ова ќе биде неповратно, исто како Накба во 1948 година. Накба не може да се повтори. Милиони палестински бегалци кои беа принудени да ја напуштат својата територија во 1948 година не можат да се вратат во своите огништа. Оваа трагедија што Палестинците ја доживуваат 75 години не може да се повтори“, додаде таа.
Накба за време на војната во 1948 година претставува масовно раселување на Палестинците.
Нагласувајќи дека училиштата на Обединетите нации во Газа се полни и дека не можат да примат повеќе луѓе, таа рече дека населението кои е под напади на Израел во зимски услови мора да се борат со глад, болести и епидемии.
„Газа беше еден од најгусто населените градови во светот пред нападите што започнаа на 7 октомври“, рече таа, додавајќи: „Психички е неприфатливо 80 луѓе да живеат во куќа од 100 квадратни метри. Нема вода, нема струја, нема гас, нема ништо.“
„И покрај сите овие потешкотии, Палестинците се обидуваат да бидат трпеливи и да ја издржат израелската окупација“, рече таа.
Таа истакна дека во Газа недостасува медицински тимови и опрема, особено лекари, додавајќи дека операции на ранетите не можат да се вршат.
Додека Израел се обидува да ги означи Палестинците како „хуманоидни животни“, таа рече дека овие луѓе не се само бројка, секој во Газа има своја единствена приказна.
„Сите ние сме од месо, коски, амбиции и соништа. Човек во Газа заслужува да живее и да има добар живот и да поседува своја земја како и човекот во САД“, рече таа.
Израел го бомбардира Појасот Газа од воздух и од копно, воведе опсада и изврши копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Оттогаш, според здравствените власти на Газа, во израелските напади загинати се најмалку 18.608 Палестинци, додека 50.594 се повредени.