ТРИПОЛИ (АА)
- Муџахит АЈДЕМИР
Абдулхамид Дибејбе, новоизбраниот премиер на привремената Влада на национално единство на Либија, кој ја презеде функцијата по неговиот избор на 5 февруари, изјави дека постои солидарност меѓу Либија и пријателска и сојузничка Турција, и ќе работат на воспоставување мир меѓу страните во земјата и решавање на најголемите проблеми со кои се соочуваат.
Во своето прво интервју што премиерот на Либија го даде за Агенција Анадолија (АА) еден ден по стапувањето на функцијата, Дибејбе зборуваше за приоритетите на новата влада, воспоставувањето внатрешен мир во земјата, истрагата на воените злосторства и за новата ера во односите меѓу Турција и Либија.
Дибејбе, кој беше избран за премиер како резултат на гласањето на 74 членови на Либискиот форум за политички дијалог (ЛСДФ), што од 1 до 5 февруари се состанаа во Швајцарија под водство на Обединетите нации (ОН), ќе биде на оваа функција во Либија до изборите што треба да се одржат на 24 декември 2021 година.
Дибејбе, кој вчера на аеродромот „Митига“ во главниот град Триполи ги пречека членовите на Либискиот форум за политички дијалог, кои се вратија од Швајцарија, во својата проценка за текот на Форумот предводен од ОН го рече следното:
„Либискиот форум за политички дијалог е формиран со членство од сите делови на Либија. Затоа, тој е претставник на целата територија, на сите племиња и на сите делови на Либија. Тие донесоа важна одлука за мирна, демократска и слободна промена, која е од корист за Либија и либискиот народ. Целиот свет беше сведок на оваа одлука преку визуелните и аудиоканали. Затоа ние ги пречекавме со цел да им оддадеме почит.“
Дибејбе, кој топло ги пречека членовите на Форумот на аеродромот, изјави: „Беа воодушевени (Либискиот форум за политички дијалог) поради резултатот што го постигнаа. Јас, всушност, познавам само малкумина од нив.“
Либискиот премиер изјави дека во рамките на спроведувањето на одлуките донесени на Форумот за политички дијалог, по три недели ќе формираат влада, што ќе биде претставена пред либискиот Парламент за добивање доверба.
На прашањето дали во неговиот кабинет ќе има имиња од претходната Влада, премиерот Дибејбе одговори:
„Можно е. Ние ќе бидеме технократска влада којашто се заснова врз заслуги и се докажува со својата моќ на дејствување, а соодветните имиња ќе бидат дел од владата. Сите делови на Либија ќе бидат претставени на фер основа. Но во управувањето ние ќе се фокусираме на технократијата.“
Оценувајќи што ќе бидат приоритетите на новата влада, Дибејбе истакна дека тие првенствено ќе му дадат значење на снабдувањето со вакцини против Ковид-19.
Додавајќи го во своите приоритети 5-часовниот прекин на електричната енергија, како еден од најголемите проблеми во Либија што им го отежнува животот на Либијците, премиерот Дибејбе го рече следното:
„Првиот приоритет на нашата влада ќе биде да се фокусираме на Ковид-19. Ова е важно прашање, како за народите од целиот свет, така и за луѓето во Либија. Ќе сториме колку што е во наша моќ за да ја набавиме вакцината што ќе им биде од корист на Либијците. Потоа ќе се погрижиме за виталните потешкотии, како што се електричната енергија и здравјето, и секојдневните проблеми. Откако ќе го решиме тоа, ќе размислиме за формирање мировни комисии и изготвување Устав со Претседателскиот совет“.
На прашањето за содржината на планот за формирање „мировни комисии“, Дибејбе посочи на важноста од воспоставување социјален мир за решавање на либиската криза.
Тој рече дека тие ќе ги формираат овие комисии „за воспоставување мир меѓу Либијците во земјата“ и продолжи со зборовите:
„Луѓето, племињата и оние делови меѓу кои постои непријателство и антагонизам ќе дојдат на едно место. Ќе формираме буџет за надомест на штетата. Се надевам дека за овој краток период (до изборите на 24 декември) ќе го видиме приближувањето во Либија. Ќе ги приближиме гледиштата на Либијците едни кон други на најнапредно ниво. Само благодарение на овој начин, без да се прави разлика меѓу насилството, војната и поделбата меѓу градовите, единствени можеме да одиме на избори. Ќе посетиме колку што е можно повеќе градови во Либија. Ќе работиме во сите градови на Либија. Владата на национално единство, во вистинско значење на зборот, ќе биде влада на националното единство на Либија.“
Премиерот Дибејбе зборуваше и за односот на новата администрација кон таканаречена влада на Абдурахман ал-Тани, основана во источниот регион, што е под контрола на Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните сили во Либија.
За вчерашната изјава на администрацијата на Сениј, која не е меѓународно призната, дека „таа ќе продолжи да работи и дека последниот збор му припаѓа на Претставничкиот дом во Тобрук“, Дибејбе рече:
„Нашата влада мора да добие одобрување од Парламентот. Ал Тани најави дека ќе го сочека одобрувањето, што е логично, а сметам дека Парламентот ги прифати резултатите на Либискиот форум за политички дијалог. Луѓето бираат, а тие ја прифатија оваа влада. Верувам дека Парламентот во Тобрук е дел од народот и не верувам дека ќе се противи на изборот.“
Либија е разорена од граѓанската војна во 2011 година, кога од власта е соборен Муамер ел Гадафи.
Владата на национално единство на Либија, со седиште во главниот град Триполи, предводена од Фаиз ес Сараџ, основана е во 2015 година. Меѓутоа, напорите за долгорочно политичко решение не успеаја поради воената офанзива на војската на Хафтар. Меѓународно признатата влада на Сараџ од април 2019 година е во судири со силите на Хафтар, во кои животот го загубија илјадници лица.
„Меѓу Либија и Турција постои солидарност“, рече Дибејбе.
„Турција е сојузник, пријател и братска држава, која има огромен капацитет да им помогне на Либијците да ги постигнат реалните цели. Турција ја гледаме како реален партнер“, оцени тој.
На прашањето за трговските односи меѓу двете земји, Дибејбе рече дека Анкара се докажала не само во Либија, туку и во целиот свет.
„Турција е една од земјите во кои Либијците можеа да патуваат и во текот на војната. Турција ги остави отворени своите аеродроми за нашите жители и не ја затвори својата амбасада во Триполи. Верувам дека слободата на движење позитивно ќе се одрази на економската соработка меѓу Либија и Турција. Се надеваме дека ќе ја унапредиме таа соработка и дека ќе ја зголемиме трговската размена до највисоко ниво“, рече премиерот Дибејбе.
Говорејќи за изведување на сторителите на воени злосторства во Либија пред лицето на правдата, Дибејбе рече дека „правдата има свој тек“.
„Сега сме во тешка фаза на воспоставување мир во Либија и двете страни мораат да бидат подготвени за компромис со цел остварување на интересите на граѓаните. Сакаме вистинско помирување меѓу партиите во Либија, а за кого ќе се докаже дека е виновен, ќе биде изведен пред правдата“, наведе тој.
Роден 1958 година во Мисрата, Либија, Дибејбе е познат како влијателен бизнисмен во областа на градежништвото, а прифатен е и во либиските политички кругови.
По Либиската револуција во која од власта е соборен режимот на Муамер Гадафи, тој беше на чело на најстариот либиски фудбалски клуб „Ал Итихад“. Дибејбе го основаше Движењето „Либиска иднина“ и ја има поддршката на западните племиња.
Лицата блиски до Дибејбе, кој во Канада дипломираше и магистрираше во областа на инженерството, му се обраќаат и со прекарот „Инженер“. Се вели дека децата на либискиот премиер имаат канадско државјанство.
news_share_descriptionsubscription_contact
