Atila Altuntaş
10 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
СТОКХОЛМ (AA) - Норвешка ја запре продажбата на оружје и воена опрема на Саудиска Арабија, која ги предводи коалициските сили во борбата против Хусите во Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерката за надворешни работи на Норвешка, Ине Ериксен Сореиде, говореше за националната телевизија NRK, а во оваа пригода се осврна на последните случувања во врска со Саудиска Арабија.
„Земајќи ја предвид ситуацијата во Јемен, нема да одобриме нова лиценца за извоз на оружје и муниција и сѐ што опфаќа комплетна одбранбена индустрија“, рече Сореиде.
На прашањето дали оваа одлука на Норвешка има врска со убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој е убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул, Сореиде не сакаше да коментира.
Исто така, Германија минатиот месец соопшти дека е запрена продажбата на оружје на Саудиска Арабија, сѐ додека убиството на Кашоги не се расветли во потполност.
Шведскиот премиер Стефан Лофвен изјави дека и покрај убиството на Кашоги, неговата земја нема да ја запре продажбата на оружје на Саудиска Арабија.
Јемен е упориште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна. Бунтовничкото движење Хуси го контролира главниот град Сана и уште неколку поважни региони во земјата, а меѓународно признаената Влада на Јемен дејствува од пристанишниот град Аден.
Конфликтите во Јемен дополнително се зајакнати во март 2015 година, кога Саудиска Арабија со своите сојузници почна да изведува воздушни напади на положбите на бунтовниците.
Во војната е уништена инфраструктурата, вклучувајќи го здравството, водоводната мрежа и канализацијата, што ги наведе Обединетите нации да ја опишат ситуацијата во таа островска земја како една од најлошите хуманитарни катастрофи на модерното време.