Elena Teslova
09 Декември 2019•Ажурирај: 10 Декември 2019
МОСКВА (АА) - Германија, Франција, Русија и Украина го продолжија дијалогот во Нормандиски формат за да ја решат кризата во источна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самитот на Нормандиската четворка се одржува денеска во Париз, а на него учествуваат германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Ова ќе биде првиот официјален настан со учество на украинскиот и рускиот лидер, кои ќе одржат одвоен билатерален состанок во рамките на Самитот за да дискутираат за ситуацијата во Крим и Донбас.
Зеленски продолжува со своите напори за да стави крај на кризата во источна Украина во согласност со неговите изборни ветувања и успеа да преземе некои важни чекори, вклучувајќи размена на притворениците и враќање на украинските бродови запленети од Русија по тензичната случка минатата година.
Украинскиот претседател повика на продолжување на разговорите според форматот на Нормандиската четворка, кои беа прекинати во 2016 година и се чинеше дека беа заборавени од Западот.
Трилатералната контактна група за Донбас, благодарение на Зеленски, го усвои акциониот план „Формулата на Штајнмаер“ за време на септемвриските разговори во Минск.
Тоа е механизам што сугерира постепено спроведување на Договорот од Минск во 2015 година за да се запре конфликтот во источна Украина, како што е доделување поширока автономија на регионите Донецк и Луганск на Украина и одржување локални избори под надзор на Киев.
Формулата на Штајнмаер беше договорена за време на состанокот во Минск како предуслов за Самитот на т.н Нормандиски формат.
Поранешниот украински претседател Петро Порошенко ја негираше Формулата на Штајнмаер, велејќи дека таа ги зајакнува позициите на сепаратистите. Сепак, Москва ја окарактеризира како невозможна личната средба на Путин и Зеленски без договор за оваа конкретна состојба.
И покрај големиот притисок на опозицијата, Зеленски го одобри механизмот, пронаоѓајќи позитивен одглас во Германија, Франција и Русија.
Ставот на Русија е постојан уште од самиот почеток на кризата во источна Украина, додека Украина, под водство на Зеленски, испробува дипломатски средства и не бара понатамошно соочување со Москва.
Иако Зеленски се гледа за неискусен политичар, експертите велат дека неговите идни чекори може да доведат до мирно решавање на тензиите во источна Украина.