Erkan Avci
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - На врвот на скалата на светски лидери со најмногу следбеници на социјалната мрежа „Твитер“ се наоѓа поранешниот американски претседател Барак Обама, кого го следат 83,8 милиони лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Компанијата за односи со јавноста и комуникација „Бурсон-Марстелер“, со седиште во Њујорк, истражи колку често светските лидери ја користеле социјалната мрежа „Твитер“ во 2016 година.
Во истражувањето биле анализирани 793 профили на социјалната мрежа од 173 земји во светот. Резултатите покажуваат дека лидерите од 90 отсто од земјите-членки на ОН имаат официјален профил на социјалната мрежа „Твитер“ и дека тие профили имаат околу 324 милиони следбеници.

Челниците на 20 земји од Африка и Пацификот не се активни на споменатата социјална мрежа.
Поголемиот дел од објавите што на профилот на Обама ги има повеќе од 15 милиони, ги објавуваат неговите помошници, а најмалку има објави што ги има споделено лично Обама.
На второ место се наоѓа поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, кој има посебни профили за девет јазици. Папата го следат повеќе од 31 милион лица, а поголемиот дел од нив се од Латинска Америка.
Третото место на скалата му припаѓа на индискиот премиер Нарендра Моди, кој има повеќе од 26 милиони следбеници, а веднаш зад него е американскиот претседател Доналд Трамп со приближно 24 милиони следбеници.
Доналд Трамп тврди дека не сака да споделува објави на „Твитер“, но многу активно ја користи оваа социјална мрежа.
На петтото место се наоѓа официјалниот профил на американските претседатели @Potus. Откако Трамп положи заклетва на 20 јануари, профилот од Обама е префрлен на новиот претседател и има повеќе од 14 милиони следбеници.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се наоѓа на шестото место, со 9,8 милиони следбеници.