Necva Taştan
21 Мај 2024•Ажурирај: 22 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) рече дека добил закани додека водел истраги против највисоките израелски функционери, од висок функционер кој му рекол дека судот е „формиран за Африка и за насилниците како Путин“, а не за Западот и нејзините сојузници, пренесува Анадолу.
Во интервју за „Си-ен-ен“, обвинителот Карим Кан рече: „Некои избрани лидери разговараа со мене и беа многу безобразни. 'Овој суд е изграден за Африка и за насилници како Путин', ми рече еден висок лидер“.
„Ние не го правиме тоа така“, рече тој, додавајќи: „Овој суд треба да биде триумф на правото, над моќта и бруталната сила: зграпчете што сакате да земете, правете што сакате“.
МКС бара налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант заедно со лидерите на Хамас Јахја Синвар, Исмаил Ханије и Мухамед Деиф.
Обвиненијата против Нетанјаху и Галант вклучуваат „истребување, користење на гладување како метод на војна со негирање испорака на хуманитарна помош и намерно целење цивили во конфликтот“, додаде тој.
Обвиненијата против Синвар, Ханије и Деиф вклучуваат „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор“, изјави Кан за „Си-ен-ен“.
„Никој не е над законот“, порача обвинителот.
Тој посочи дека ако Израел не се согласува со МКС, „тие се слободни да ја оспорат јурисдикцијата пред судските судии и тоа е мојот совет до нив“.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива врз Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот во енклавата.
Во израелските напади, кои почнаа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас минатиот октомври, се загинати над 35.500 Палестинци, од кои огромното мнозинство се жени и деца, а над 79.600 се повредени.
Повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а владее и недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој му нареди на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да преземат мерки за да гарантираат дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.