Bayram Altuğ
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Мишел Бачелет, ги осуди насилствата во Венецуела на границата со Колумбија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмената изјава од високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права, осврнувајќи се на насилствата на венецуелската граница со Колумбија и Бразил, се нагласува: „Бачелет, особено ја осудува употребата на прекумерната сила на венецуелските безбедносни сили и провладините елементи, каде што беше потврдено дека во петокот и саботата животот го загубија најмалку 4 лица, а над 300 лица се повредени.“
Бачелет понатаму вели: „Луѓето беа застрелани и убиени. Според извештаите, и другите повредени лица никогаш нема да заздрават целосно, некои од нив го изгубија видот. Ова се срамни сцени. Венецуелската Влада мора да престане со прекумерната употреба на сила против обичните граѓани и невооружените демонстранти.“
Бачелет, исто така, од Владата побара да ги намали тензиите.
Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензиите дополнително се зголемија откако опозцискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател на државата, што беше поддржано од страна на САД и голем број европски и латиноамерикански држави.
Русија, Кина, Турција, Боливија, Мексико и Иран го поддржуваат Мадуро.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, имаше изјавено дека една од опциите е „испраќање воени единици во Венецуела“.