Emre Aytekin
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
СЕУЛ (АА) - Јужна Кореја очекува претстојниот самит на американскиот претседател, Доналд Трамп, и севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун, да резултира со конечно прогласување крај на Корејската војна, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп и Ким на 27 и 28 февруари ќе се состанат во виетнамски Ханој, а портпаролот на Кабинетот на претседателот на Јужна Кореја, Ким Еуи Кјеон, изјави дека постои можност на самитот официјално да биде прогласен крајот на Корејската војна, која ни по повеќе од шест децении не е заклучена со формален мировен договор.
„Од наша страна, патот на мирот е отворен. Не може да се знае како ќе биде, но верувам дека САД и Северна Кореја можат да постигнат договор за декларација за да се стави точка на војната“, изјави Ким Еуи Кјеон, пренесува агенцијата „Јонхап“.
Лидерите на двете Кореи, Ким Џонг Ун и Мун Џае Ин, минатата година во Пјонгјанг потпишаа договор за завршување на военото непријателство, кој е претставен како де факто проглас на мирот.
Портпаролот на Сината куќа, Ким, изјави дека сличниот договор меѓу САД и Северна Кореја претставувал конечен проглас на мирот на Корејскиот Полуостров.
„Јужна Кореја и САД веќе постигнаа мировни договори со Кина, така што во Корејската војна моментално остануваат САД и Северна Кореја. Ние ја поддржуваме идејата за проглас за завршување на војната, без оглед на тоа како ќе го сторат тоа“, порача Ким Еуи Кјеон.